Македонија
25. February 2016 - 14:12

Во тетовската касарна одбележана 72 годишнината од смртта на народниот херој Кузман Ј.Питу

Во тетовска касарна на АРМ денеска со свеченост беше одбележана 72 годишнината од смртта на народниот херој  Кузман Јосифовски Питу. 

На одбележувањето  присуствуваа командантот на Здружената оперативана команда (ЗОК) генерал мајор Васко Ѓурчиновски, командантот на Првата механизирана пешадиска бригада бригадниот генерал Зоран Милески, команданти и командири од единици на АРМ, претставници од државни институции, сојузи, здруженија, невладини опрганизации, верски заедници, културниот и приватниот сектор како и ученици од повеќе основни училишта во Тетово.

- Кузман Јосифовски Питу е еден од најголемите македонски херои во втората светска војна кој поради својата неуморна народно – ослободителна дејност многу луѓе го нарекуваа „Гоце Делчев на НОБ” или вториот Гоце Делчев, кој целата младост ја посветил на создавање на македонската национална држава. Ние како потомци и следбеници на нашите славни предци должни сме да ги продолжиме нивните заложби и да го сочуваме се она што тие успеале да го стекнат. Наша обврска е да го почитуваме нивното животно дело и несебичната жртва што тие ја дадоа за денес да живееме во самостојна и суверена држава.Затоа никогаш не смееме да дозволиме нивните траги во македонската историја што се достојни за паматење, славење и споменување да бидат избришани, рече во обраќањето пред присутните командантот на третиот механизаран пешадиски батаљон и на тетовската касарна потполковник Игор Спасеноски.

Во рамки на одбележувањето на бистата на народниот херој Кузман Јосифовски Питу што се наоѓа на видно место во тетовската касарна букети цвеќе положија делегации на ЗОК, Третата механизирана пешадиска чета, Вториот батаљон за логистичка подршка, општина Тетово, Советот на општина Тетово,Организацијата на резервни офицери, Сојузот на воени инвалиди, Сојузот на трудови инвалиди, Сојузот на борци и  Здружението за култура и уметност Иљо Антески Смок.

По повод овој отворен ден во касарната „Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово беше организиран и тактичко – технички збор на вооружувањето и опремата со што располага оваа единица на АРМ.