Македонија
25. August 2017 - 14:57

Во Тетово одбележан Денот на Третиот механизиран пешадиски баталјон

Со војничка свеченост денеска во тетовската касарна на Армијата на Република Македонија „Кузман Јосифовски Питу“ беше одбележан 27 август, Денот на Третиот механизиран пешадиски баталјон (3.мпб).

Овој ден со одлука на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов е определен како ден на оваа единици во спомен на формирањето на 15-тата поречка ударна бригада на 27 август 1944 година во селото Брезница кај Македонски Брод.

- Ова потсетување на нашите славни предци и нивните дела што се вткаени во темелите на независна и суверена Македонија е поттик за сите припадници на нашиот батаљон за уште поголем ангажман и унапредување на достигнувањата на единицата. Ако правиме преглед на постигнувањата на единицата во текот на изминатата година мора да ги истакнем постојаните подготовки и придонесот во одбраната на територијалниот суверенитет на државата, помошта за полцијата во справувањето со мигрантската криза, учеството на нашите припадници во мисијата Одлучна подршка во Авганистан и помошта за граѓаните и институциите при природни непогоди,  изјави командантот на 3.мпб потполковник Гоце Филипоски.

Во име на Првата механизирана пешадиска бригада во чиј состав делува 3.мпб на присутните им се обрати нејзиниот командант бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски.

- Третиот механизиран пешадиски нбатаљон е еден од столбовите на бригадата и важен маневарски дел од нејзината ударна сила. Оваа единица успешно ги извршува поставените задачи и како продолжувач на борбената традиција навистина е гордост на АРМ во северозапдниот дел од државата. Затоа јавно им оддавам признание на целокупниот нејзин персонал за обученоста, професионализмот и посветеноста кон војничката професија, рече Ѓоргоски.

На свеченоста присутвуваше и заменик-командантот на Здружената оперативна команда на АРМ бригадниот генерал Павле Арсовски кој бил поранешен командант на овој батаљон.

- Вашиот и мој батаљон е еден од најдобрите без разлика во која единица дејствувал. Од него излегле цела плејада добро обучени војници како и офицери кои се на највисоките позиции во нашата армија. Ви оддавам призанние за вашето залагање во обуката и исполнувањето на своите задачи бидејќи војниците постојано се подготвуваат за војна, но никој повеќе од нив не го цени мирот, изјави Арсовски.

Во рамките на одбележувањето на Денот на единицата  повеќе офицери, подофицери и војници од 3.мпб добија унапредувања, награди, пофалби и други стимулативни мерки. За најдобар вод беше прогласен оклопно извидувачкиот вод од командната  чета за покажаните извонредни резултати и залагањето на неговите припадници поради што го добија преодниот пехар и знамецето  за најдобар вод.  Свој придонес во одбележувањето на овој ден дадоа со својот настап пред постронеите војници и други гости од членовите на КУД Брвеница По завршувањето на официјалниот дел од свеченоста за присутните гости беше организаран тактичко технички збор со дел од вооружувањето и опремата со што располага батаљонот.