Во Струмица започнаа карневалските свечености
Карневалџиите од Струмица ја презедоа власта. Во наредните осум дена тие ќе владеат со градот. Со симболичното предавање на градскиот клуч од страна на градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов во рацете на карневалскиот одбор синоќа и официјално започнаа карневалските свечености кои ќе траат до 1 март.
Од името на сите карневалски групи клучот на градот го прими претседателот на организациониот одбор Александар Цицимов кој вети дека ќе направат уште убаво карневалско издание што ќе се памети.
Во рамки на свечениот почеток на карневалските денови беше отворена и изложба на карневалски маски со кои учениците од СОУ Никола Карев се претставија на изминатите карневали. Свеченостите продолжуваат вечерва со концертот под маски, утре е традиционалниот маскенбал, по што во сабота следува и главната карневалска вечер кога низ улиците на Струмица ќе продефилираат 41 група со околу 1500 маскирани лица.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар