Балкан
1. February 2021 - 13:25

Во Србија вакцинирани 450.000 лица, а пријавени 850.000 граѓани

Во Србија продолжува масовната вакцинација и досега вакцинирани се 450.000 граѓани, а за имунизација пријавени се 850.000 лица, јави дописникот на МИА од Белград.

Членот на Кризниот штаб за борба против коронавирусот, Предраг Кон, изјави дека досега во Србија се вакцинирани 450.000 лица, што е далеку помалку од бројот на жители во Србија и дека тоа не е доволно за да се постигне колективен имунитет.

– Треба да вакцинираме околу милион и пол луѓе за да можеме да кажеме дека ваквите бранови (на епидемијата) не можат да се повторат. Тоа е трипати повеќе отколку што досега вакциниравме, изјави Кон за ТВ Прва.

Државниот секретар во Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, за РТС изјави дека интересот за вакцинација е поголем од очекувањата и дека во моментов се пријавиле повеќе од 850.000 лица. Тој посочи дека до среда, бројот на вакцинирани може да ја надмине бројката од половина милион и најави пристигнување на нови дози на вакцините.

– Започнува и ревакцинацијата и ние секогаш размислуваме чекор напред. Покрај пунктовите што ќе ги отвориме надвор од здравствените установи, ќе ги отвориме и пунктовите во здравствените установи – клиничките центри, клиничко-болничките центри, здравствените домови, општите болници, наведе Ѓерлек, оценувајќи дека најважно е што Србија обезбедила вакцини и дека денеска се очекува нова достава на вакцините на „Фајзер“, а има доволно руски вакцини „Спутник V“ и кинески.

Кога станува збор за состојбата со епидемијата, Ѓерлек оцени дека не треба да се создава паника, но дека бројките кои беа во ноември и декември се екстремни и застрашувачки и не се репер за да се каже дека ситуацијата сега е одлична.

– Сè уште имаме 4.000 луѓе во болниците, 140 пациенти на респираторни машини. Ова се сериозни бројки кои не ни дозволуваат да се опуштиме, кажа Ѓерлек.