Балкан
2. August 2016 - 9:17

Во Софија одржан трет совет за соработка меѓу Грција и Бугарија

Соработката во областа на енергетиката била една од главните теми за кои вчера во Софија разговараа грчкиот и бугарскиот премиер Алексис Ципрас и Бојко Борисов.

Средбата меѓу двајцата премиери се одржа во рамките на третиот совет за соработка на високо ниво меѓу двете земји кои се членки на НАТО и Европската унија.

Ципрас и Борисов потпишаа серија билатерални договори, меѓу кои и во врска со изградбата на гасоводот Интерконектор Грција-Бугарија  (ИГБ) и изградба на терминал за течен природен гас во близина на Александропулос, пристанишен град во северна Грција.

Двајцата државници, исто така, ја истакнаа потребата да се забрза изградбата на железничката линија од Александрополис до Бургас, на бугарскиот брег на Црното Море, како начин за зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

Во својата официјална изјава, Ципрас ги поздрави односите меѓу двата балкански соседи како „модел на конструктивна соработка за промоција на мирот и стабилноста во поширокиот регион“.

Според него, и покрај безбедносните предизвици со кои се соочуваат двете земји на надворешната граница на ЕУ, Грција и Бугарија остануваат „столбови на безбедност и стабилност“.

Грчкиот премиер, исто така, вети дека ќе ги поддржи напорите на Софија да стане членка на Шенген зоната, а во некоја фаза, и на Еврозоната.

Во рамките на заедничкиот совет во Софија, имаше и билатерална средба меѓу грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас и неговиот бугарски колега, Даниел Митов, на која се разговарало за технички детали на одредени политички прашања меѓу двете земји.