Во Прилеп, Кривогаштани и Долнени започна услугата „Mедицинска сестра во заедницата“ – прва од ваков вид во Македонија
Во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени преку проектот ТРАНСАКТ започна реализацијата на услугата „Mедицинска сестра во заедницата“, проект што за прв пат се имплементира не само во Македонија туку и на ниво на Западен Балкан. Веќе се ангажирани 8 медициски сестри и 2 психолози кои излегуваат на терен и посетуваат 20-тина социјално загрозени семејства. А целта е до крајот на проектот септември 2026 година да се опфатат над 500 лица.
„Во моментов имаме ангажирани 8 медицински лица и 2 психолози кои ги посетуваат лицата во социјален ризик и изготвуваат индивидуален план и проценка и во сооднос на тоа медициската сестра секој ден ги посетува и им помага во следење на виталните функции, но и во земање на медицинска терапија, комуникација со матичниот лекар, закажување на термини за посеопфатни анализи и испитувања, се со цел овие лица да имаат подобра грижа“, изјави Марина Тошеска, Марина Тошеска, Центар за развој и едукација Прилеп.
Некаде во месец мај тимот треба да се докомплетира и тој ќе се состои од 10 медицински сестри и 5 стручни лица, како психолози, физиотерапевт, социјални работници.
„Услугата е целосно бесплатна, лицата може да се пријавуваат директно во просториите на Здружението на нашата меил адреса, ФБ страна, слободно може да не контактираат. Излегуваме на увид, вршиме индивидуален план и проценка, состојбата во семејството, но и грижата што е потребна за потенцијалниот корисник и потоа веќе медицинската сестра како услуга станува достапна за овие корисници“, додаде Тошеска.
Проектот се имплементира во соработка со Центарот за социјална работа од Прилеп. Инаку ова на еден начин е продожување на една претходна успепешна приказна, а тоа е проектот „Помош и нега во домот“ кој по неговото завршување премина под државна капа.
„Сите оние кои не можеа да добијат услуга „Помош и нега во домот“, заради недостаток на негуватели, како добра практика сфативме дека можеме да ги вкрстиме и да му овозможиме на сите оние од листата на чекање, барем времено да добијат услуга „Медицинска сестра во заедницата“. И се надевам дека можеби како единствени, оваа услуга како нова, ќе премини и како законско решение доколку овој пилот проект се покаже како успешен“, потенцираше Зоран Малковски, директор на Центар за социјална работа Прилеп.
Проектот е реализиран од Здружението Центар за развој и едукација Прилеп, а е финансиски поддржан од Австриското Сојузно Министерство за социјални политики.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар