Македонија
13. October 2025 - 16:30

Боки 13 осуден на пет години затвор за измама и перење пари

Бојан Јовановски познат како Боки 13, е осуден на пет години затвор во повтореното судење за случајот „Меѓународен сојуз“. Според пресудата на Кривичниот суд, Јовановски е огласен за виновен за две кривични дела – измама и перење пари.

Со ветување дека ќе обезбеди државно земјиште за изградба на старечки домови, од двајца бизнисмени успеал да земе над еден милион евра. Парите наместо за ветените објекти, завршиле во рацете на Јовановски. Тој денеска не дојде во судницата да ја слушне пресудата.

Случајот се судеше по вторпат откако Апелациониот суд ја укина првичната пресуда со која Јовановски беше осуден на затвор од девет години. Со денешната пресуда, поблаги казни добија и останатите обвинети. Таткото на Јовановски, неговата помошничка Христина Блажевска и потпретседателката на невладината „Меѓународен сојуз“, Јасна Мандиќ, со новата пресуда, затворските казни им се заменети со условни. Одбраната на Јовановски е незадоволна и најави жалба пред повисокиот суд.

Јовановски во моментов е на слобода откако Апелациониот суд му ја намали затворската казна за случајот „Рекет“ од девет на пет години. Претходно пак му беше одобрено да излезе од затворот заради влошено здравје. Сега, Јовановски секоја недела има своја емисија на интернет, а најавува и документарен филм за случајот заради кој речиси пет години издржуваше затворска казна.