Македонија
21. May 2016 - 14:35

Во Охрид ревија на национални носии, традиционални песни, игри и храна од езготични делови на светот

Со модна ревија на народни носии, национални танци, дегустација на традиционална храна и пијалоци, странските студенти од Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид денеска го одбележаа Светскиот ден на културна разновидност.

Во рамки на свеченоста одржана денеска на пладне на Градскиот плоштад во Охрид студентите ги презентираа културните специфики и особеностите на државите од кои доаѓаат. На манифестацијата се претставија студенти од повеќе од десеттина држави, од делови на светот кои претставуват егзотика за нас.

-  Ова е четврт пат како се организира манифестација по повод Светскиот ден на културната разновидност. Денеска ќе се претстават студенти од Гана, Нигерија, Египет, Шри Ланка Индија и други држави, рече Александар Петковски од УИТ.

Ангел Јанев, заменик-градоначалникот на Охрид, од име на локалната самоуправа истакна дека ваквите манифестации го привлекуваат вниманието на странските туристи кои се тука во Охрид, така што можат да се забавуваат во услови на врнежливо време што не е најповолно за прошетки.

- Ова е убав настан, како вовед на празниците на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј. Убаво е што во пресрет на тој празник еве се прославува и Светскиот ден на културната разновидност, рече Јанев.

Студентите од своја страна оценуваат дека преку вакви манифестации успеваат да претстават дел од својата култура, на начин што ќе ги зближува уште повеќе покрај нивните секојденвни контакти воспоставени преку редовната настава на Универзитетот.

Имајќи предвид дека на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ работат и студираат професори и студенти од 40-тина држави, истиот претставува уникатна високообразовна установа со истакнат мултикултурен профил.