Бизнис
21. July 2017 - 10:34

Во Македонска Каменица од продажба на државно земјиште инкасирани 73.000 евра

Општина Македонска Каменица од продажба на државно градежно земјиште инкасирала 73.000 евра од продажба на осум парцели.

Градоначалникот Дарко Митевски истакна дека откако општината ги исполнила сите услови за управување со државно неизградено градежно земјиште реализирала три објави во 2016 година.

- Во минатата година општината има објавено три објави. Во првата објава се продадени четири парцели и се инкасирани 3.248.170 денари, продадени се две парцели за колективни згради за домување и две за индивидуални домувања. Во втората објава се продадени три парцели за 544.401 денари, како и две комерцијални и една парцела за индивидуално домување. Во третата објава продадена е една парцела за индивидуално домување и се инкасирани 678.000 денари, иако имаше поголем број објавени парцели. Вкупно се инкасирани 4.470.571 денари, истакна Митевски.

Општината планира и оваа година да спроведе продажба на државно неизградено градежно земјште, а во согласност со интересите на граѓаните и потребите на општината се вршат и измени во дуповите. Најголем интерес има за изградба на објекти за домување.

- Очекуваме оваа година да пуштиме повеќе парцели на продажба во индустрискиот дел, како  и комерцијални парцели и парцели за колективно домување во градот, истакна Митевски.

Во индустриската зона во Македонска Каменица која е на три километри оддалеченост има вкупно 47 урбанистички парцели од кои 11 се на земјиште на држава сопственсот. Индустриската зона во Македонска Каменица е наменета за лесна и незагадувачка индустрија, а за потенцијалните инвеститори се нудат и поволности. Освен почетната цена од  евро по метар квадратен, со одлука на Советот, идните инвеститори се ослободени од надомест за комунална инфраструктура.