Во Лисабон се преврте стар трамвај кој бил туристичка атракција, има 15 загинати и 18 повредени
Најмалку 15 лица загинаа, а 18 се повредени откако излета од шините фуникуларот „Глорија“ во Лисабон, соопшти портпарол на службите за итна помош.
Фуникуларот е железничка жичница што се движи по стрмнина со помош на кабел и претставува една од најпознатите туристички атракции во португалската престолнина. Линијата „Глорија“ е отворена во 1885 година и го поврзува плоштадот „Рестаурадореш“ во центарот на Лисабон со квартот „Барио Алто“, познат по ноќните клубови и кафулиња, сместен на еден од лисабонските ридови.
Властите засега не ги соопштија идентитетите и националностите на жртвите, но потврдија дека меѓу нив има и странци.
Според првичните информации, дошло до кинење на еден од каблите на возилото, по што тоа се забрзало надолу по стрмнината, излегло од шините и удрило во куќа.
Претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуза, изрази сочувство до семејствата на жртвите.
-Ова е трагичен ден за нашиот град. Лисабон тагува, ова е навистина трагичен инцидент, изјави градоначалникот на Лисабон, Карлош Моедаш.
Возило имало капацитет од околу 40 патници. Несреќата се случила во 18:05 часот по локално време, во близина на булеварот „Либердаде“.
Очевидка за локална телевизија изјави дека возилото се движело со голема брзина по наклонот. - Удри во зградата со огромна сила и се распадна како кутија од картон, немаше никакво сопирање, раскажа таа.
Според Националниот институт за споменици, на фуникуларот му се врши темелна техничка проверка на секои четири години. Градската транспортна компанија увери дека сите протоколи за одржување биле почитувани.
Португалската Влада прогласи Ден на национална жалост по трагедијата. Причините за несреќата се уште се испитуваат.
Фуникуларите во Лисабон, меѓу кои се и „Бика“ и „Лавра“, како и панорамскиот лифт „Санта Жуста“, се препознатливи по жолтата боја слична на лисабонските трамваи и претставуваат голема атракција за туристите.
МИА
Ново на Сител
-
Уапсено 40-годишно лице од Куманово, возело со 1,57 промили алкохол во крвта
-
Уапсен кумановец, возел со 2,66 промили алкохол во крвта
-
Принцот Хари ја посети Украина: „Не можеме да ја запреме војната, но можеме да помогнеме“
-
Трамп навести истрага против Сорос
-
Уапсен 43-годишен маж од кавадаречко, ја нападнал својата жена со метален предмет
-
Од утре попладне времето ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи
-
Приведени две лица од Дебар, предизвикале пожар на отворено
-
Три лица повредени во сообраќајка во Струмица, меѓу кои и малолетник