Свет
27. March 2025 - 9:25

Во израелски воздушен напад убиен портпаролот на Хамас

Портпаролот на Хамас Абдел-Латиф Ал-Каноа е убиен во израелски воздушен напад во северниот дел на Газа, пренесе медиумска мрежа поврзана со Хамас.

Ал Каноа е убиен кога неговиот шатор бил погоден во Џабалија, а во нападот се повредени уште неколку лица, наведуваат медицински извори, пренесени од британските медиуми.

Претходно неделава, во израелските напади загинаа и Исмаил Бархуми, член на политичкото биро на Хамас, како и Салах ал-Бардавела, висок лидер на групата.

Бархуми и Бардавела беа дел 20-членото политичко биро на Хамас, од кои 11 лица се убиени од почетокот на војната во октомври 2023 година, наведе групата.

Израел на 18 март ги продолжи нападите врз Газа и досега загинаа најмалку 830 луѓе, од кои повеќе од половина се деца и жени, соопшти здравствениот сектор во Газа.

Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето.

Хамас сè уште држи 59 од 250-те првично киднапирани заложници, и постојано го обвинува Израел за попречување на напорите на посредниците да преговараат за траен прекин на конфликтот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека бомбардирањето е наредено бидејќи Хамас не ги прифатил предлозите за продолжување на примирјето, повторно предупредувајќи дека Израел ќе ја окупира Газа доколку Хамас не ги ослободи преостанатите заложници.