Балкан
12. December 2016 - 18:52

Во Грција разбиена мрежа за нелегална трговија со луѓе

Во Грција е разбиена голема мрежа за нелегална трговија со луѓе, која дејствувала на меѓународно ниво, јави грчкиот портал „Њуз ин“.

Мрежата кријумчарела лица воглавно од Сирија, од Ирак, од Пакистан и од други држави кон Централна и Северна Европа.

Мигрантите со фалсификувани документи од Грција, од Шпанија и од Франција се транспортирани со авион во Велика Британија, Германија, Холандија, Белгија и Швајцарија.

Во минатонеделната операција спроведена во Атина, приведени се 17 Иранци, двајца Пакистанци и уште тројца странци од Алжир, Азербејџан и Тунис. Меѓу уапсените е и шеф на групата - 28-годишен Иранец. Други 12 луѓе се обвинети за учество во нелегална мрежа, која испеала да обезбеди легални визи од европските амбасади во Иран. 

Полицијата извршила претрес во 25 објекти, а во три стана биле пронајдени машини за печатење на фалсификувани документи. Во операцијата конфискувани се 1.200 пасоши, 300 лични карти, голем број фалсификувани документи, компјутери, принтери и печати на државни институции.

Полициската операција била спроведена во соработка со британските власти.