Свет
17. April 2016 - 9:51

Во Доха почнува средbа на големите производители на нафта

Најголемите светски производители на нафта денеска ќе имаат средба во Катар за да договорат замрзнување на производството со цел стабилизирање на цените на енергенсот, но несогласувањата меѓу Иран и Саудиска Арабија се опасност да не се постигне договор.

Саудиската страна вчера соопшти дека ќе биде во состојба да го замрзне производството само ако Иран го направи истото.

Иран, од своја страна соопшти дека нема да учествува на преговорите со министерот за нафта Биџан Намдар Зангане туку само на ниво на претставник на државата во ОПЕК.

Иранските власти наведуваат дека државата не може да го прифати планот за стабилизирање на цените на нафтата додека нивното производство и извоз не бидат на ниво од пред санкциите.

Кувајтскиот експерт за нафта Камел ал Харами смета дека е можно денеска да биде постигнат договор и без Иран бидејќи државата не може до крајот на годината да го зголеми производството за повеќе од 500 илјади барели дневно нафта. Цената на нафтата на берзите вчера беше во пад поради скептицизмот пред средбата во Доха.