Loading Video...
Свет
9. August 2024 - 16:31

Преглед на вестите од светот

18 годишен тинејџер со потекло од Ирак е третиот уапсен во акцијата на австриската полиција која спречи терористички напад на концертот на Тејлор Свифт во Виена.  Полицијата го привела вчера доцна вечерта а информацијата утрово на прес конференција ја објави австрискиот министер за внатрешни работи.

„Бил во контакт со главниот осомничен но бил директно поврзан со плановите. Сепак, тој доаѓа од истите социјални кругови како и останатите осомничени а според информациите кои што ги имаме во средата положил заклетва за верност на Исламската држава“

Во меѓувреме, на двајцата осомничени кои беа уапсени во средата им е одреден истражен притвор.

Австриските безбедносни власти претходно соопштија дека Австриецот со корени од Гостивар планирал со експлозив, ножеви и мачети да убие поголем број луѓе пред стадионот на кој Свифт требаше да одржи концерт. Неговиот 17 годишен соучесник бил вработен на стадионот и бил задолжен за пијалоците кои требало да се служат на концертот. 

Во средата, организаторот ги одложи сите три концертите на Тејлор Свифт планирани за во Виена што ги разочара фановите кои вчера цела ноќ пееја нејзини песни пред стадионот. Свифт следниот концерт ќе го одржи во Лондон каде според последните информации засега нема безбедносни закани.

Украина ја продолжува својата офанзива на руска територија. Украинската војска во текот на ноќта извршила серија напади длабоко на руска територија и на Крим. По нападите на украинските беспилотни летала гори воена воздухопловна база во руската област Липецк која се наоѓа на 300 километри од границата со Украина. 

Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина за „голема провокација“, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски посочи дека притисокот врз Русија ја приближува Украина до перспективата за мир
Путин го свика советот за безбедност на кој Москва ќе ги договара следните чекори.

Израел се согласи да ги продолжи преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците кои таму ги држеше палестинското движење Хамас, кое ЕУ и САД го прогласија за терористичка организација.
Ова доаѓа по интервенцијата на САД, Египет и Катар, кои ги предупредија двете завојувани страни дека „нема повеќе време за губење или изговори“ и дополнително одложување.

Претседателскиот кандидат на републиканците Доналд Трамп изјави дека е подготвен за учествува во три дебати на различни медиуми со претседатескиот кандидат на демократите Камала Харис. 

Дебатите би се одржале во месец септември, а првата е веќе договорена на 10.септември. Еј-би-си Њуз објави на платформата Икс дека ќе биде домаќин на претседателската и дека и Трамп и Харис се согласиле да учествуваат.