Македонија
29. April 2016 - 12:36

Во Делчево промовирана публикација со традиционални пијанечки специјалитети

Публикација во која е опишан начинот на подготовка на 50 традиционални пијанечки специјалитети е промовирана во Делчево во рамки на прекуграничниот проект на КУД „Гоце Делчев“.

Проектот обработува теми за промоција и ревитализација на културното наследство на општините Симитли од Бугарија и Делчево. 

Зенил Реџепов од КУД „Гоце Делчев“ од Делчево изјави дека вештите раце на домаќинките од Делчевско споделиле со нив 50 уникатни јадења карактеристични за тој крај.

- Многу од нив се и заборавени, а младите не ги ни пробале, ниту пак знаат за нив, но ние успеавме да ги вратиме во живот и да станат достапни до младите домаќинки и до сите оние кои ја сакаат традиционалната кујна. Исто така, јадењата се подредени календарски, односно онака како што се готвеле посебните јадења поврзани со нашите верски празници, па започнуваме со специјалитетите за Бадник, Божиќ и завршуваме со јадењата карактеристични за месецот декември, рече Реџепов.

Освен, традиционалниот готвач, беше промовирана и изложбата на фотографии на која се претставени 25 историски, природни и културни знаменитости во Делчево, но и брошура на локални веб-сајтови. Сите овие активности се спакувани како туристичка понуда од регионот.

Снежана Стоименова од Здружението „Народ и традиции“ од с. Брежане, Бугарија истакна дека на проектот му претходело големо социолошко истражување.

- Нема граница во културата, во песната, во зборот, во јадењата, во носиите. Близината на народите се ткае од општата култура, од фолклорот. Ние направивме едно социолошко истражување за можностите на културата за туристички развој на двете страни и се докажа дека и двете општини, Делчево и Симитли, имаат многу сличности, многу од традиционалните специјалитети се исти, дури имаат и исто име. Но, пред се нашето истражување покажа дека овој регион има голем потенцијал за развој на туризмот, рече Стоименова.

Изложбата на фотографии во Делчево ќе биде отворена до Ѓурѓовден, а пијанечкиот и бугарскиот готвач ќе биде промовиран наредната недела и во с. Брежане, Бугарија.