ДСЗИ откри недостатоци при третманот на 5 годишното девојче кое почина на Детска - ДУИ бара оставка од Таравари
Починало со дијагноза менингоенцефалитис, но истиот не бил лабораториски докажан. Државниот санитарен и здравствен инспекторат откри недостатоци при третманот на 5 годишното девојче, кое ја изгуби битката за живот пред 6 дена на Клиниката за детски болести. Во извештајот на ДСЗИ е наведено дека девојчето за време на болничкиот третман било лекувано од повеќе лекари и му се правени дополнителни лабораториски испитувања.
Од обемната документација инспекторите констатирале лошо водење на евиденцијата за починатото девојче а алармантно е што и покрај укажувањата на инспекторатот се уште на клиниката дежураат само специјализанти.
- Во однос на надлежностите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, при надзорот констатирани се недостатоци во однос на водењето на медицинската документација, односно во упатите не е наведена работната дијагноза за пациентот, не се пишувани декурзуси од сите доктори, во Историјата за пациентот недостасуваат планови за лекување за што од страна на ДСЗИ ќе биде издадено решение со наредба за водење на евиденција согласно закон. ДСЗИ исто така има забелешки и во однос на организацијата, работата на Клиниката особено во делот на дежурства кога се ангажираат само специјализанти, а за што од страна на ДСЗИ претходно е издадено решение за кое роковите се во тек, изјави Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.
Обдукцијата на девојчето не е извршена по барање на родителите. Но ДСЗИ ќе иницира министерот да спроведе стручен надзор над лекувањето на починатото дете. Опозициската ДУИ бара оставка од првиот човек во здравствениот систем.
Граѓаните бараат министерот за здравство веднаш да поднесе оставка и да преземе одговорност за овие сериозни неуспеси. Исто така, повикуваме на независна и транспарентна истрага за последните смртни случаи во Педијатриската клиника и на итно запирање на дискриминацијата кон албанскиот медицински персонал, велат од ДУИ.
Таравари, кој изјава даде пред објавување на извештајот на ДСЗИ, за случувањата на Детска гледа политика од албанската опозиција кои сакале да прикажат дека се е катастрофа откако тие не се на власт.
- На некаков начин сакаат да го тргнат вниманието на јавноста од реалните проблеми, па еве како да го критикуваме Таравари или директорот на Детската клиника, па ќе кажеме дека починало некое дете. Таму каде што имаше феномени можеби на лекарски пропуст ние преземавме чекори. Најмногу се умира во болница, не починуваат луѓето дома, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
За еден месец на Детска починаа 14 месечно бебе од Гошинце за кое имаше стручен надзор со контатирани пропусти, бебе од Струмица каде ДСЗИ не најде забелешки и последниот случај со девојчето кое почина од воспаление на мозокот. Директорот на клиниката најави дека на прес конференција ќе соопшти факти, но пред тоа на социјалните мрежи броеше во чиј мандат колку смртни случаи на деца имало.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар