Македонија
16. February 2025 - 16:49

Новата комора на трговци утре до владата ќе ја прати листата со продукти кои треба да поевтинат

Економската состојба на државата е драстично влошена, а животниот стандард на граѓаните опаѓа, рече денеска потпретеседателката на СДСМ, Каја Шукова. Според неа, цените на храната се зголемени за 20%, а некои производи се покачени и повеќе, сметките за струја се зголемени од 20 до 30 отсто, а пет процентното поскапување на парното е нов силен удар на семејниот буџет.

„Неспособноста на Владата на Мицкоски ја турка земјата во економска криза и граѓаните сo право се загрижени. Политиките на кошнички доживеаја тотален дебакл а власта нема  одговор на растечката скапотија и сирoмаштија. Иако Владата уште во вторникот најави замрзнувањето на маржите, оваа недела измина а одлуката не е донесена. Очигледно, интересот на бизнис елитата за владата е поважен од тоа да ги заштити граѓаните“ – изјави Каја Шукова, СДСМ.

Следната недела треба да има одлука какви мерки ќе преземе Владата за ублажување на високите цени. Во вторникот министерството за економија доби задолжение да направи листа од 100 групи производи чија маржа ќе биде замрзната до 10%, до крајот на април, но одлука не беше донесена поради реакциите од трговците кои рекоа дека тоа ќе доведе до отпуштање на вработени и затворање маркети.

На состанок во петокот, новоформирана комора на трговци предложила наместо да се замрзнуваат маржите на над илјада производи, да се направи листа од стотина продукти кои најчесто се користат и нивните цени или маржи да се намалат во договор со производителите и дистрибутерите. Според информациите, оваа листа се уште се работи и утре ќе ја пратат на разгледување во Владата.