Македонија
3. September 2015 - 12:11

Внимавајте пеколни температури - Македонија денес во портокалова фаза

 
Според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, денеска еден регион од територијата на државата ќе биде зафатен со температури од портокалова фаза.
 
Станува збор за јужно-вардарскиот регион, каде се предвидуваат температури повисоки од вообичаените за овој период од годината. Останатите региони ќе бидат зафатени со температури од жолта, односно алертна фаза.
 
Во регионот кој денеска ќе биде зафатен со портокалова фаза (Штип, Радовиш, Кавадарци, Демир Капија, Струмица, Гевгелија) Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во овој период .
 
Граѓаните од цела држава потребно е да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури , како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
 
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени). Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
 
Потсетуваме дека во текот на летниот период, во сите градови низ државата се поставени пунктови за превентивни препораки и совети за заштита од високите температури. Пунктовите функционираат секој ден во периодот од 18:30 до 21:30 часот. На пунктовите се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.