Македонија
16. May 2017 - 9:37

ВМРО-ДПМНЕ: Заедно со локалните и парламентарни избори

ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение го повторува ставот во октомври заедно со локални да се одржат и предвремени парламентарни избори.  

- СДС мора да се соочи со граѓаните и да види што мисли народот за нивната деструктивна политика. Доколку постои барем малку храброст, чесност и одговорност кон сопствениот народ, СДС ќе се согласи во октомври заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори на ист трошок. Криминалецот Заев така ќе слушне од прва рака што мисли народот за неговата антидржавна политика, стои во соопштението. 

Народот, како што се наведува во соопштението, не сака туѓи платформи и виткање на сопствената кичма за туѓи цели и интереси.

- Народот се чувствува постизборно измамен со тиранската платформа и затоа на анкетата на ИРИ мнозинството смета дека треба да има нови избори. Анкетата на ИРИ покажа дека народот му го врти грбот на Заев и не сака криминалец да ја води државата. Скоро двојно поголема е поддршката која ВМРО-ДПМНЕ ја има во однос на поддршката на СДС, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Порано или подоцна, според нив, Заев ќе се соочи со судот на народот и предупредува СДС да не помисли да бега од локалните избори како што претходно два пати бегаше од одржувањето на минатогодишните парламентарни избори.

- Одложувањето на локалните избори ќе значи продлабочување на политичката и правна криза во која СДС ја втурна државата уште пред две и пол години, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ и посочуваат дека овие избори треба да се одржат во најбрз можен рок, а заедно со нив и парламентарни избори.