Македонија
10. May 2025 - 16:43

ВМРО-ДПМНЕ со партиски кандидат ќе настапи на локалните избори за Град Скопје

Кандидат за градоначалник на метрополата од ВМРО ДПМНЕ ќе биде партиски член, име кое ќе го изберат органите. Има фаворити, личности кои уживаат доверба кај членовите но се уште е рано да излезат во јавност со имиња.

Во текот на летото веќе ќе се знае кој ќе влезе во трката за градоначалник на Град Скопје. Партијата ги сондира состојбите, дел од кандидатите кои претендираат за втор мандат ќе се знаат до крајот на мај.

Средба со Таравари најави лидерот на СДСМ во подкастот политиканти. Филипче вели не знае дали Таравари ќе излезе или не од владината коалиција, но веќе договориле состанок со колегата со кого вели имаат добри лични релации.

Опозицискиот лидер претходно изјави дека очекува распад на владејчката коалиција а за локалните избори рече дека внимателно ќе ги избере коалиционите партнери по штетата која им ја нанеле ДУИ во претходната влада.

Тој на партиски настан во Неготино, ги повика незадоволните членови кои преминаа во ЗНАМ да се вратат во СДСМ.

Лидерот на ЗНАМ му возврати со прашање - каде ќе ги носи луѓето што ги повикува назад. Димитриевски тврди дека уште поголем број на некогашни членови на СДСМ се приклучуваат во  во неговата партија.

-А бе, Венко, каде да се вратат кај тебе? Ти си СДСМ? Ти си истиот кој промени низа влади и слугуваше на секој. Ти којшто си полн со криминали и корупција, безброј – стотици и стотици афери, коишто ти и таквите како тебе, таа некогаш државотворна партија ја доведовте на ова дереџе. Каде ги покануваш? Каде да се вратат, каде ќе ги носиш – во твоите станови? Па и самиот не знае колку ги има? Ќе ги носи во Дубаи, со парите што ги изнесоа, со инвестициите што ги прави таму? Или ќе ги носи во онаа, за жал веќе празна зграда којашто некогаш беше толку достоинствена и преполна со честит и чесен народ? Ама денеска ЗНАМ е тука, за сите тие луѓе!“, рече Димитриевски.

За владејачката партија предизвик не се само кандидатите туку и партиите со кои би коалицирале за претстојните избори. Се уште е неизвесна ситуацијата и во Владата каде во тек се разговорите со министерот за здравство за неговото понатамошно делување по излегувањето од ВРЕДИ.

Следната работна седмица Мицкоски и Таравари треба повторно да се состанат. Министерот за здравство треба да се произнесе како ќе настапи со Алијанса на Албанците, дали ќе остане во владата на реформи или ќе  одлучи да соработува со ДУИ.

Таравари излезе од ВРЕДИ бидејќи не сакаше да настапува со заеднички кандидати, одлучи на локалните да оди со самостојни листи на Алијанса.