Македонија
22. August 2025 - 16:38

Три концесии за експлоатација на минерални суровини еднострано раскинати

Владата по предлог на Министерството за енергетика еднострано раскинала три договори за концесија за експлоатација на минерални суровини. Дополнително, одбиено било ново барање за концесија. Одлуките се веќе објавени во Службен весник. 

Од формирањето на Министерството, донесени биле вкупно 34 одлуки за едностран раскин на концесии поради различни причини. Меѓу нив се: непочитување на законите, неплаќање на надоместоци, непочитување на мерките за заштита на животната средина, пренесување на концесијата на друг субјект без согласност, како и експлоатација надвор од одобрениот предел.

„Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите“, вели министерката Божиновска.

Во моментов се спроведуваат редовни и вонредни инспекциски контроли на терен. 

Од МЕРМС велат дека во тек се повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии. Се води и регистар на одземени концесии и според најавите, наскоро ќе биде јавно објавен на сајтот на министерството.

Во меѓувреме, Македонија деновиве го доби случајот Казандол на арбитража, со што се заштедија 115 милиони евра. Со изгубениот спор, изгубена е и концесијата - рудникот нема да се отвори, рече пред два дена премиерот Мицкоски. 

Од наследени осум активни арбитражни постапки, три завршиле во полза на Македонија, кажа владината портпаролка. Со тоа, како што рече Митева, избегнато е плаќање на 565 милиони евра за отштета од државната каса.