Македонија
4. September 2018 - 9:17

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е природна катастрофа која му се случува на македонскиот народ

За да тргнат учениците на училиште на први септември со испечатени учебници и со реновирани училишта кои нема да ги затвара санитарна инспекција, не мора да се потпише капитулантски договор и да се смени Уставот.

Доволно е совесно да се работи и да не се чека последен момент за да се крадат парите на граѓаните преку „ургентни” набавки во четири очи.

За да не умираат деца и родилки по болниците не мора да се потпише договор со кој што ќе се негира македонската историја, традиција и култура. Доволно е да се прекине со крвавите тендери и наместо парите да одат од ќерка на татко, тие да се инвестираат во здравствениот систем. 

За БДП да се мрдне од нула и за да се намали задолжувањето не мора да се прифаќаат грчките црвени линии и да се брипе името Република Македонија.

Доволно е да се престане со расипништвото и хедонизмот и наместо милиони евра да се фрлаат на луксузни лимузини и цвеќиња, парите да се вратат во економијата. Така ќе се подобри бизнис климата, но ќе мора да секнат тендерите за Вице и за Кочо Анѓушев.

Зоран Заев и Никола Димитров со своите погрешни дипломатски чекори капитулираа пред грчките барања само за да ги покријат скандалите со криминалните иновации во кои на снаи на советнички си поделија стотици илјади евра.

Само СДСМ добива со договорот, а на Македонија и се закануваат трајни и непоправливи штети. Во Членот 8 од договорот се предвидува комисија за ревидирање на културата и археологијата и со тоа на Грција и се остава простор доколку нешто не и се допаѓа да ја попречи ЕУ интеграцијата во секој момент. СДСМ го менува институционалниот идентитет на Република Македонија со промена на имињата на државните институции и со тоа го брише и  националниот идентитет.

СДСМ е природна катастрофа која му се случува на македонскиот народ. Последиците на неспособната и расипничка власт на Заев највеќе ги чувствуваат младите. Младите забрзано се иселуваат и своите семејства ги планираат надвор од Република Македонија. Бројот на новороденчиња е намален за 6,3% во вториот квартал од 2018 година, што е директен удар врз демографијата во Република Македонија. За 6 години во Македонија ќе има помалку запишани деца во прво одделение што е последица на немање ниту една позитивна мерка која ќе влијае на зголемување на бројот на новороденчиња. Владата нема мерки за да се справи со иселувањето на младите. Зад оваа влада и празните ветувања за подобар живот за младите и 500 евра просечни плати, ќе останат празни училници и руинирани училишта како сцена од хорор филм.

Зоран Заев мора да си замине и хоророт за Македонија да престане. Зоран Заев и криминалниот картел мора да бидат поразени и да им се покаже каде им е местото.

Македонија е силна и ќе победи!