Бизнис
8. May 2023 - 16:34

Владата најавува поригорозни мерки ако трговците не ги намалат цените, Бектеши очекува инфлација под 10% во јуни

Пад на инфлацијата, но таа се уште е двоцифрена, од 13%. Државниот завод статистика ги измери цените на производите и заклучокот е дека во април сме јаделе леб поскап за 25,3 и месо за 26% споредено со лани.

Но, министерот Бектеши вели дека намалувањето на стапката на инфлација е токму поради владините мерки и сега Македонија има најниски цени во регионот.

Одлуките за замрзнување на цената траат до крајот на месецов, но властите ги следат пазарите и велат дека доколку цените не продолжат да паѓаат, владата може повторно да интервенира врз пазарните цени.

-Ако во случај имаме такви и во текот на мај, што согласно првичните инпути што ги имаме како Министерство за економија нема да има, ќе продолжи трендот на намалување, секако дека тие мерки ќе продолжат, а можат да бидат и построги, вели Бектеши.

Министерот уверува дека инфлацијата ќе продолжи да паѓа, а во јуни се очекува таа за првпат по повеќе од една година да стане едноцифрена.

Во меѓувреме, Бектеши најавува дека засилени контроли на пазарите каде цените на овошјето и зеленчукот се уште се високи.

Транспортните услуги, како таксито и доставата се надвор од ингеренциите на Министерството за економија. Но бидејќи никој не ги намали цените и покрај падот на цените на горивата, Бектеши вели дека тие овие услуги мора веднаш да се намалат.

Највисока инфлација, Државната статистика измери во октомври минатата година кога достигна до речиси 20%. Оттогаш наваму секој месец се забележува благ статистички пад.