Владата ќе ги разгледа барањата на родителите кои користеа породилно отсуство
Владата ќе ги разгледа барањата на родителите кои предлагаат времено продолжување на породилното отсуство за месец или два и ќе одговори во најкус можен рок. Вакво ветување им дал денеска премиерот Зоран Заев на претставниците на родителите.
На средбата во Владата, на која присуствувале и министрите за здравство и за труд и социјална политика, премиерот истакнал дека Владата ќе покаже максимална флексибилност за одредени специфични случаи.
– Земаме обврска да ги разгледаме вашите барања и потреби и да ви дадеме повратен одговор во најкус можен рок. Ќе покажеме максимална флексибилност за одредени специфични случаи. Што се однесува до епидемиолошката слика, ние будно ги следиме препораките на Комисијата за заразни болести и следствено, секогаш размислуваме за донесените одлуки, нивната оправданост и потребата за нивна корекција. Здравјето на граѓаните е наш приоритет, но мораме да научиме да живееме со пандемијата, рекол Заев.
Министерот Филипче посочил дека мерките ќе трпат промени согласно новонастанатата ситуација и специфичните потреби на одредени родители.
– Со соодветна медицинска документација, родителите на деца кои влегуваат во ризична група, може да бидат изземени од обврската да се вратат на работа. Сепак, ќе нагласам дека најмалите деца имаат прилично висок имунитет и досега немаме случај на сериозно заболено дете од оваа популација, посочил Филипче.
Министерката Шахпаска нагласила дека во градинките има многу слободни места за сите оние родители кои досега не ги запишале своите деца.
– Нашите инспектори будно ја следат состојбата на терен и ве уверувам дека ситуацијата е целосно контролирана. Исто така, упативме апел до родителите кои ги запишале своите деца во градинка, а не ги носат, да ги ослободат местата за родителите на кои ваквото згрижување им е неопходно. Овој процес понатаму треба да го следат и контролираат градинките и општините, подвлекла Шахпаска.
Согласно владината одлука, родителите на децата до шест години и оние кои користеа продолжено породилно отсуство од 23 септември се вратија на работа. Одлуката беше донесена бидејќи од 9 септември со работа почнаа градинките каде родителите имаат можност да ги остават своите деца. Родителите на неколкупати протестираа против ваквата одлука на Владата барајќи привремено пролонгирање на мерката со цел полесна адаптација на новонастанатата ситуација и поефикасно згрижување на нивните деца.
Ново на Сител
-
Мицкоски: Нема да тече мед и млеко по уставните измени
-
Хермелини се оспособуваат за гаснење пожари на тешко пристапни места, кажа премиерот Мицкоски
-
Го згазил мотор под прозорецот каде што живеел, на пешачка патека на скопски кеј - возачот избегал
-
Предметот за „Пулс“ е донесен во Кривичниот суд, следи оцена на обвинението
-
Собраниска расправа за ребалансот, поднесени над 200 амандмани
-
Во Кичево ќе се гради нов Клинички центар
-
Неправилности во здравството можат да се пријават на веб страницата на министерството
-
АХВ го демантира градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов