Владата го подготвува извештајот од јавната дебата за уставните амандмани
Владата на Република Македонија како овластен предлагач за уставни измени во рок од два дена треба да достави сублимиран извештај од јавните дискусии за главните сугестии и предлози за усовршување на нацрт амандманите, или како амандмани на амандманите.
Процесот на уставните измени треба да заврши со усвојување на предложените амандмани после јавната расправа и со Одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, на седница која е предвидено да се одржи на 15 јануари 2019 година.
Јавната дискусија почна со дебата во Владата на Република Македонија, и потоа продолжи со отворени настани за предложените уставни измени во МАНУ, на Универзитетот ФОН, во Општина Штип, и во Тетово на Универзитетот на Југоисточна Европа, со учество на претставници на академската и експертската јавност, претставници од граѓанскиот сектор, како и на граѓани кои покажаа голем интерес на отворената покана на Владата на РМ.
Од Владата посочуваат дека јавните дискусии по нацрт амандманите за уставни измени со цел решавање на долгогодишниот спор со Грција, со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, завршија во предвидениот рок од пет дена и опфатија широк спектар на засегнати страни.
Низ дискусиите беа презентирани текстовите на усвоените четири нацрт амандмани низ собранискиот процес, а особено внимание се посвети на конструктивните предлози од пратениците во Собранието на Република Македонија, како и на предлозите од експертите и граѓаните кои дојдоа низ отворената дебата.
Како сугестија која се зеде предвид, посочуваат од Владата, беше расправана и опцијата во Уставот да се наведе дека Република Македонија освен за грижата за македонскиот народ во дијаспората, се грижи и за дијаспората на другите етнички заедници.
Учесниците на сите пет дебати, се обединија околу ставот дека со Договорот од Преспа и решавањето на повеќедецениското прашање се затвора и поглавјето на идентитетските прашања, кое заедно со членството во НАТО и ЕУ, се трите цели кои Владата сака да ги постигне со овој Договор, со оглед на фактот што тој е заснован на европски начела, вредности, почитување на трајното пријателство и човековите права и дека уставните измени треба да се гледаат во контекст на придобивките.
Премиерот Зоран Заев е оптимист дека ќе има двотретинско мнозинство.
-Уверен сум дека процесот ќе го затвориме во рамките на договореното и онака како што ќе пишува во одлуката за донесување на уставните измени во Законот за Уставни измени, односно дека амандманите се составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција, рече Заев на една од јавните расправи.
Тој потенцираше дека измените на Уставот ќе важат откако Грција ќе ги спроведе своите обврски, односно кога, во ист ден, ќе ги ратификува Конечната спогодба за решавање на спорот со името и Протоколот за нашето членство во НАТО.
Во понеделник, на 17 декември треба да се одржи седница на собраниската Комисија за уставни прашања.
Последното гласање во законодавниот дом бара најмалку 80 гласови. Во првата фаза поддршката од осуммината опозициски пратеници беше условена со четири точки, меѓу кои, формирање Координативно тело за помирување. Во втората фаза овие осуммина пратеници беа воздржани.
Ново на Сител
-
Пазарните инспектори на терен, Владата најавува можност за ограничување на маржите
-
Во Собранието ќе заседаваат две комисии
-
Бајден побара од Пентагон да продолжи со своите активни испораки на оружје за Украина
-
Најмалку 10 лица загинаа во израелски напади во Појасот Газа
-
Јапонската национална авиокомпанија е погодена од кибер напад
-
Забрана за сообраќај за тешки товарни возила на планинскиот премин Ѓавато и на патот Тетово – Попова Шапка
-
Облачно и студено со повремени врнежи од дожд и снег
-
Кумановец чувал елени во штала без одобрение и дозвола - Следува кривична пријава