Македонија
9. November 2026 - 16:38

Ветеринарните друштва преку мирен протест предупредија дека секторот е пред колапс

Ветеринарните друштва со мирен протест предупредија на финансиски колапс, кој се заканува да доведе до загрозување на здравјето на животните, а со тоа и на јавното здравје. Побараа итно да се промени буџетската рамка и концептот на финансирање, во спротивно ветеринарните друштва ќе бидат принудени да ги раскинат договорите со АХВ. Од Комората, која им даде поддршка на протестот, побараа итно намалување на стапката на ДДВ за ветеринарни услуги, барање кое е постаро од една деценија.

Мирен протест претходно одржаа и пред АХВ, каде што остварија средба со директорот на Агенцијата. По разговорот, ветеринарните друштва велат дека делумно ги решиле проблемите, а од Агенцијата соопштија дека ќе формираат заедничка работна група, која ќе изготви методологија за цените на услугите.

„Прифатени беа неколкуте барања поставени од Комората со цел продолжување на започнатиот дијалог и решавање на актуелните проблеми што ги истакнаа претставниците на приватната ветеринарна пракса. Како што информира директорот на АХВ, во најкус рок ќе продолжи земањето мостри за лабораториски испитувања согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните, а тековно ќе се врши и исплата на обврските за реализираните ветеринарни активности согласно програмите. Работна група со претставници од АХВ и од Комората ќе работи на анализа, врз основа на која ќе се направат и промени на Методологијата за дефинирање на цените на ветеринарните услуги, кои, како што истакнаа претставниците на Комората, не се коригирани неколку години", стои во соопштението од АХВ.