Нов модел на студентско стипендирање
Ако студирате математика, физика или хемија, оваа година можноста да добиете стипендија е значително поголема. МОН речиси осумкратно го зголемува бројот на стипендии за стратешките студиски програми. И годинава Министерството доделува 3.000 студентски стипендии, но со значително променети приоритети.
Најголемото зголемување е кај студентите кои избираат студиски програми од стратешки интерес за државата – математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, рударство и наставна биологија. Со новиот модел, бројот на овие стипендии се зголемува од 130 минатата година на 1.050 оваа година. Освен што има значително повеќе места, студентите ќе добиваат по 18.000 денари месечно, односно вкупно 162.000 денари за деветте месеци од академската година.
Ваквиот финансиски поттик е неопходен, ценат надлежните бидејќи значително е намалалена заинтересираноста за студирање на овие професии во спордба со минатите години.
„Сериозно се намалува бројот на студенти кои студираат на сите овие насоки. Посебно на наставните насоки. Имаме сериозен пад на запишани деца на хемија, бројката на сите насоки е 26,27 студенти – што е мала бројка минатата година беа педесеттина“, изјави проф. д-р Даворин Трпески, декан на Природно-математичкиот факултет.
Но, додека за стратешките студиски програми бројот на стипендии значително се зголемува, кај социјалната поддршка има намалување. Годинава се предвидени 1.200 социјални стипендии, наспроти 1.470 минатата академска година. Тоа е намалување за 270 места.
За првпат, во рамки на оваа категорија се издвојуваат и посебни квоти – по 50 стипендии за студенти со попреченост и 50 за студенти со ретки болести. Останатите 1.100 се наменети за студентите од другите социјални категории.
Дополнително, се менува и категоријата за висок академски успех. Од 900 стипендии во втората група минатата година, сега се предвидени 750.
Месечниот износ на социјалните стипендии и оние за висок академски успех останува 6.050 денари, а исплатата е за девет месеци. Пријавувањето е исклучиво електронско, преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, во периодот од 6 до 20 ноември 2026 година.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
