Балкан
9. September 2023 - 14:34

Весна Пешиќ: Oпозицијата во Србија треба да излезе на избори во две колони

Проевропската опозиција ја заостри ситуацијата бидејќи барањата од протестите „Србија против насилството“ очигледно пропаднаа.

Идејата е овие протести да се развлечат до декември, кога би биле распишани изборите, а според мене главната цел на опозицијата е да се победи на изборите за град Белград и евентуално да се подобри резултатот на републичките избори, оцени социологот и поранешна лидерка на Граѓанскиот сојуз на Србија, Весна Пешиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Пешиќ за ТВ Н1 изјави дека во тој случај локалните избори следната година би биле одвоени од парламентарните, што опозицијата, како што вели, ја гледа како своја шанса, особено ако прво победи на изборите за град Белград.

-На кое ниво и да се распишат изборите, опозицијата треба да излезе во две колони – едната проевропска, а другата русофилска, во која би биле и Нов ДСС, Заветници и Двери, а можеби и Народната странка на Вук Јеремиќ, кажа Пешиќ.

Таа посочи дека очекувала проевропската опозиција да се обедини во коалиција пред да поднесе барање за какви било избори.

-Дали сите се согласија да го блокираат парламентот, што е невозможно бидејќи владата има мнозинство и може да прави што сака, навистина не знам.

Кој за што се договорил со кого? И за блокадата и за барањето вонредни избори во декември, праша Пешиќ.

Зборувајќи за протестот „Србија против насилството“, Пешиќ оцени дека опозицијата поставила „целосно нереални барања“, кои, според неа, не биле толку мотивирачки.

-Мојот впечаток е дека протестите станаа бесмислени, дури ни мојот син веќе не знае зошто излегува на улица.

Опозицијата на почетокот формулираше барања за кои знаевме дека не можат да се исполнат, што и самите сега го признаа.

Опозициските претставници еден по еден почнаа да велат дека овие барања може да се исполнат само доколку дојдат на власт. Можам да се согласам со тоа.

Да ме прашаше некој, требаше да има само едно барање – ослободување на Радио и телевизија на Србија. Не на Пинк или Хепи, туку јавниот сервис кој сите го плаќаме, нагласува Пешиќ.

Според неа, Александар Вучиќ секојдневно добива нови податоци од агенциите за истражување на јавното мислење, врз основа на кои носи одлуки за излегување на избори.

-Мислам дека не би било лошо да имаме избори во декември, бидејќи поради протестите постои можност опозицијата да победи во Белград, додека на парламентарните избори опозициските партии би можеле да имаат некоја шанса доколку сите проевропски силите се обединетат во една коалиција, а во другата тие што јас ги нарекувам источњаци.

Секако, останува прашањето како овие две групи подоцна ќе соработуваат, оцени Весна Пешиќ.