Живот
28. January 2019 - 12:33

Верувања: Ако загрми на овој ден не е на арно…

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 јануари.

Денеска е Св. рамноапостолна Нина Грузиска и св. Сава.

Света Нина потекнува од благородничко кападокиско семејство. Од мала била воспитана во Христовиот дух. Подоцна отишла во Грузија, го покрстила грузиското царско семејство и до крајот на животот (335 г.) ја обиколила цела Грузија, проповедајќи го Христос. Света Нина е просветителка на Грузија. Има слично значење како свети Кирил и Методиј словенските народи.

Денес се слави и свети Сава, првиот српски архиепископ. Бил син на великиот жупан Стефан Немања. Ги презрел богатството, почестите и царското достоинство и се замонашил на Света Гора. Неговиот пример подоцна го следи и татко му, кој во монаштвото ќе го добие името Симеон. Свети Сава се упокоил во 1236 година.

Се верува дека Свети може да го смири морето и бурите како и да создаде вода од камен…

Постои и народно верување дека на овој ден не треба да се носи црвено, ниту да се острат ножеви, бричеви или алати… Ова верување потекнува од старо време, додека селаните стравувале волците да не им ја изедат стоката. Свети Сава се сметал за добар пастир и заштитник на стоката, па таа на овој ден се пуштала сама на пасење. меѓутоа, црвено не се носело зошто се верувало дека таа бојана крвта ги привлекува волците. Исто така на денешен ден не се отвара брич и не се острат ножеви или било кој алат за да им останат затворени устите на волците.

Постои и верување дека е лош знак ако загрми на Свети Сава и дека тогаш сигурно нешто лошо ќе се случи, бидејќи громовите се исклучително ретка појава во зима. Ако денеска е сончев ден ќе има благосостојба и среќна и родна година.

Денеска жените смеат да работат домашни работи, дури е пожелно и да направат големо чистење во куќата. Се смета дека и децата на Свети Сава треба да научат нешто ново, макар некоја нова песна, зошто во спротивно ќе бидат мрзливи и нема доволно да напредуваат цела година.