Велигденов: Вработените во подружниците на Македонска пошта протестираат, на 7 јуни ќе организираат штрајк
Вработените во сите подружници на Македонска пошта денеска организираат протест за да го изразат револтот и загриженоста за иднината на компанијата и за зачувување на своите работни места, затоа што подолг период таа се соочува со огромна финансиска криза и со лоша организација на работењето, а со тоа е доведена до тотален хаос и до дното на опстојувањето, истакна на прес - конференција Боро Велигденов, претседател на Синдикалните организации на Македонска пошта.
- Не знаеме кога ќе земеме плата поради тоа што немаме доволно финансиски средства, а и менаџерскиот тим нема одговор на тоа прашање, затоа што чекале некаков прилив. Македонска пошта е доведена до состојба на уништување, опстојувањето е под голем знак прашалник и бараме итна средба со новата влада и да ги решиме состојбите. Она што го бараме со години е да се отпочне веднаш и неодложно со новите реформи и целокупна реорганизација. Постапката за систематизација на новите работни места е темел и основа за понатамошна стабилизација и функционирање на друштвото. Владата треба да се заземе за интересот на Македонска пошта, бидејќи 2.000 вработени ќе останеме на улица и ќе бидеме единствен пример во светот државна пошта да не функционира, односно да не постои, истакна Велигденов.
Синдикалните претставници во Македонска пошта побараа реформите во компанијата да почнат што побрзо, со преземање посериозни мерки за стабилизирање на состојбите.
-Да нема повеќе 15 подружници со 15 директори и илјада соработници, нам ни требаат работници во технолошкиот процес за граѓаните да бидат задоволни од нашите услуги. Идната влада да преземе мерки и за регулаторното тело Агенција за пошти, кое од нас добива добар прилив за плати, тоа треба да работи според Законот за поштенски услуги. Имаме информации дека во нашата држава се дистрибуираат пратки од соседните земји, што е во спротивност со сите меѓународни прописи за поштенски сообраќај. Агенцијата да преземе одговорност спрема другите оператори кои вршат неконкурентна и нелојална достава на пратки, истакна Сашо Димитриески, повереник во Синдикатот на Македонска пошта.
На прес конфренцијата беше побарано да се престане и со партизираната кадровска политика која ја уништила Македонска пошта, а најавен е и штрајк за почетокот на идниот месец.
-Да не ни донесуваат неспособни кадри и менаџери во компанијата, да се насочат вработените кон технолошкиот процес за да генерираме поголеми приходи и самостојно да можеме да функционираме и да исплаќаме редовно плата. Како што најавивме минатиот месец, влегуваме во процес на штрајк бидејќи го допревме дното и немаме што да изгубиме како вработени. Согласно законските регулативи, штрајкот ќе се одржи после 7 јуни и ќе бидеме истрајни до крај, ќе се бориме за опстанок на Македонска пошта, додаде претседателот на Синдикалните организации, Велигденов.
Ново на Сител
-
Познати најуспешните македонски компании за 2023 година во првите 10 категории на „Бизнис лидер“
-
Македонски државјанин фатен на граница откако предизвикал сообраќајка при обид да шверцува стока од Косово
-
Честитка од претседателката Сиљановска Давкова по повод 23 септември, Меѓународниот ден на знаковниот јазик
-
Вооружен Украинец влегол во продавница и пукал, има ранети
-
Пронајдено досега непознато дело на Моцарт
-
Халанд го постигнува својот 100. гол за Манчестер сити
-
Шкупи со убедлив триумф против шампионот Струга ТЛ
-
Бајден: Ќе направиме се што можеме за да се избегне проширување на конфликтот на Блискиот Исток