„Вечерње новости“: Меѓу Србија и САД постојат длабоки разлики околу Косово
Тензичната средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и американскиот помошен државен секретар Хојт Ји исфрли на виделина дека меѓу Србија и САД постојат длабоки несогласувања околу прашањето за Косово и дека Белград е изложен на голем притисок за прекин на блиските врски со Русија, оценува белградскиот весник „Вечерње новости“.
Весникот, повикувајќи се на извори во Кабинетот на српскиот претседател, наведува дека овие две прашања биле главна тема на вчерашната средба меѓу Вучиќ и Ји во српскиот главен град, при што американскиот дипломат јасно порачал дека „Белград повеќе не може да седи на две столици“.
Според истите извори, Ји „добронамерно“ го посоветувал својот домаќин дека Србија треба да го почитува територијалниот интегритет на Косово.
На ваквиот „совет“ на Ји, Вучиќ одговорил дека меѓународната заедница немала ваков став за почитување на територијалниот интегритет на една држава пред девет години. Тој посочил дека идните поколенија не треба да се оптоваруваат со опстојувањето на уште еден замрзнат конфликт, при што ја обвинил Приштина дека упорно одбива да го спроведе она што е договорено во рамки на дијалогот во Брисел, а за што не се соочува со никакви санкции, наведува весникот.
Во врска со односите меѓу Белград и Москва, Ји му порачал на Вучиќ дека Србија не може „со едната нога да оди кон Русија, а со другата кон ЕУ“, тврди „Вечерње новости“.
На ова, според изворите на весникот, Вучиќ одговорил дека Србија останува стратешки ориентирана кон европските интеграции, но дека и во исто време сака да развива пријателски односи со Русија, како и со Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати.
Според „Вечерње новости“, Ји се интересирал и за положбата на медиумите во Србија, на што Вучиќ одговорил дека обвинувањата на „одредени лица за цензура се бесмислени“.
Ново на Сител
-
Гир: Првиот круг од изборите мина генерално мирно и демократски
-
Пронајдено е 76-годишното лице во кавадаречко по кое се трагаше од вчера
-
Во Кочани одбележана 119-годишнината од загинувањето на Никола Карев
-
Сончево со мала до умерена облачност, следува период на релативно топло време
-
Саливан: САД засега немаат системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ кои би можеле да ги испратат во Украина
-
Земјотрес со јачина од 6,9 степени по Рихтеровата скала го погоди југозападниот дел на Јапонија
-
Промовирана новата генерација полициски службеници
-
Претрес во Штип, пронајдена дрога