Македонија
14. јуни 2021 - 16:48

Вакцинацијата „се потпира“ на донации - Големата пратка од Кина се уште ја нема

На средина од јуни Македонија се уште вакцинацијата ја крпи со донации. Од најавените големи пратки со вакцини во земјава не е стигнато речиси ништо. За руските вакцини по дипломатските тензии веќе никој не ни зборува, оние од Ковакс механизмот заглавија во Индија а од големата нарачка од Кина која требаше да стигне до крајот на мај, денеска на 14 јуни не сме виделе ниту една доза.

За утре е најавена нова донација од Грција а до крајот на неделава се очекува милост да добиеме и од Бугарија. Но и двата соседи од кои чекаме околу 70.000 дози, во земјава ја праќаат вакцината на Астра Зенека која македонските медицински експерти решија да не ја аплицираат на лица под 60 годишна возраст, иако и денеска стигна јасна потврда од Европската агенција за лекови дека овој производ е безбеден за сите полнолетни граѓани.

Соочени со недостатокот, македонските доктори дневно боцкаат по нешто повеќе од 1000 граѓани што е далеку од оние најави дека ќе аплицираме по 10 до 15.000 дози секој ден.

Со ова темпо, 6 месеци по официјалниот старт на вакцинацијата во светот, во Македонија барем една доза имаат примено околу 255.000 луѓе, додека ревакцинирани се некаде близу 190.000.

Ваквите бројки ја сместија Македонија на дното во светски рамки на листата која ја агрегира угледниот Њујорк Тајмс, а во Европа помал опфат на вакцинација од земјава имаат само 5 држави, Молдавија, Белорусија, Украина, Босна и Косово. Со 12% вакцинирани од вкупната популација Македонија заостанува пет и ипол пати зад Европската Унија каде се вакцинирани речиси 67% од вкупната популација. Во светски рамки до сега вакцинирани се 30% од целото население.