Предметот за „Пулс“ е донесен во Кривичниот суд, следи оцена на обвинението
Предметот за трагедијата во дискотеката „Пулс“, пристигна во рацете на судиите од скопскиот кривичен суд. Денеска после пладне, со две возила и полициска придружба се донесени доказните материјали против 34-та обвинети.
Бројни документи, вештачења, искази на сведоци но и многу снимки се дел од доказите со кои се поткрепува случајот против 34-та обвинети. Од кривичниот суд преку писмено соопштение ги објаснуваат следните чекори – прво ќе се оценува обвинението, а потоа ќе се закаже и терминот за првото судско рочиште..
„Доставениот обвинителен акт, согласно АКМИС – системот ќе биде распределен на совет за оцена на обвинение кој по приемот ќе го достави актот до обвинетите по што започнува Законскиот рок за приговор на истиот. По исполнување на предвидените услови за постапување, советот ќе закаже седница за оцена“, велат од Основен кривичен суд – Скопје.
Случајот доаѓа во кривичен по одлука на Врховниот суд.. Основните во Кочани, Штип и Струмица немале судии, ниту просторни услови, предметот бил сложен, а за него имало и голем јавен интерес.
Врховниот суд, ценел дека по конкретниот предмет треба да постапуваат судии од кривична област кои со стекнатото искуство и познавање на кривичната материја ќе овозможат гаранција за ефикасност, стручност, Законито постапување, а преку постапката ќе допринесат и за „сензибилизирање на јавноста“, пишува во известувањето од Кривичниот суд.
Во трагедија од март годинава, животот го загубија 63-ца млади. По три месечната истрагата, обвинителството утврди вина кај поранешни министри, екс градоначалници, сопственикот на дискотеката. Во тек е истрага и за 29-мина вработени во МВР од неколку полициски станици на истокот.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар