Полицијата се уште трага по возачот што го прегази Југо на пешачка патека
Полицијата се уште трага по возачот на мотор што го прегази Југо на пешачката патека кај паркот на франкофонијата. Идентитетот и е познат на полицијата, но уште не е фатен.
Пешачката патека пак и денеска ги собра соседите, велат безбедноста е никаква, наместо џагор на деца има џагор од автомобили, мотори поминуваат секојдневно дури си играат децата, камиони паркираат и ја блокираат патеката.
Бараат општината и градот Скопје да се погрижат за безбедноста, да постават столчиња кои некој ги отстранува постојано, да има полиција која ќе казнува за прекршоците што се случуваат секојдневно.
Додека граѓаните повикуваат општината и градот да реагираат, од град Скопје велат дека се ненадлежни и дека тој дел е надвор од Генералниот урбанистички план и е во исклучива надлежност на општина Центар која го одржува и издава дозволи за користење на тој простор.
Од општина Центар пак велат дека според Законот за град Скопје, пешачката патека е под надлежност на градот, бидејќи тие се задолжени за одржување и регулација на речните корита во урбанизираните делови.
Што може да се направи за да се спречат вакви трагедии во иднина? Според сообраќајните експерти, да има ригорозни санкции за возачите на мотор, кои најчесто возат без дозвола или се технички нерегулирани.
Само вчера за шест часа биле казнети 429 возачи на мотоцикли низ целата земја.
Минатиот месец имало 27 сообраќајни незгоди со мотор во Скопје. Две со материјална штета, 15 со телесни повреди, девет со тешки телесни повреди и една со смртни последици.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар