Увозот на српска пченица се очекува идната недела, крената „рампата“ и за суровото масло
Земјава следната недела ги очекува првите количини жито од Србија. Откако и официјално беше договорено да биде тргната забраната за извоз во нашата држава, северниот сосед ги почна административните процедури и формалности по кои се очекува реализација на увозот.
Србија ја крена „рампата“ и за извоз на сончоглед.
– Очекувам следната недела да почне увозот на пченица и на останатите суровини од Србија. Колку количини ќе се увезат, зависи од македонските компании и од трговците. Нашaта задача беше да се тргне забраната, рече вчера министерот за земјоделство, шумарство, водостопанство, Љупчо Николовски.
Владата, потсети Николовски, не договара колкав ќе биде увозот. Тоа го прават бизнис партнерите од двете земји.
– Ние ги прегледавме и искомунициравме количините кои се неопходни, одржавме состаноци со сите комори, со сите економско-социјални партнери и компании што имаат договори, за да бидат земени предвид. Договорот што го постигнавме со Србија е дека се трга забраната за извоз кон земјава и дека ќе се реализираат сите договори меѓу трговските партнери, потенцира министерот по посетата на фабриката „Брилијант“ во Штип.
На состанокот во Белград минатата недела македонската делегација, како што истакна Николовски, била информирана дека од Србија и од многу европски земји се бараат огромни количини пченица и други производи.
-Но, приоритет имаат земјите од „Отворен Балкан“. Северна Македонија и Србија се основачи на оваа иницијатива. Сега гледаме колку е тоа важно – во време на светска криза, конфликт и затворени пазари, ние да имаме отворен пазар, подвлече министерот за земјоделство.
Тој уште еднаш напомена дека домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а со укинувањето на забраната за извоз на рафинирано и нерафинирано масло од Србија се обезбедува стабилност на пазарот на храна за овие прехранбени производи.
Претседателот на Одборот на директори на „Витаминка“ Симон Наумоски кој го придружуваше Николовски во „Брилијант“, тврди дека со увозот на нерафинирано растително масло од Србија, ќе има суровина за 2,5 до три месеци. Како и што ќе биде потоа, додаде, има време за размислување, а ќе се следи и ситуацијата на пазарите. Се е неизвесно, додека трае руско-украинскиот конфликт.
-Се случуваат нови моменти. Се нуди масло и од други земји по чудни цени – некаде многу високи, некаде нешто пониски поради што не знаеме да одговориме во оваа ситуација, се дури трае војната во Украина, дециден е Наумоски.
Според него, засега никој не може да каже или да прогнозира дали цената на зејтинот ќе се зголеми. Дистрибуцијата од нивната компанија е веќе нормализирана и се испорачува во маркетите, а количините ќе го задоволат македонскиот пазар.
-Што се однесува до цената на суровото масло, ја знам вчерашната на светските пазари,но не и денешната. Утрешната која ќе биде никој не знае. Не можам да одговорам дали ќе се зголеми или ќе се намали, дополни Наумоски.
Македонските компании за производство на масло за јадење најмногу суровини купуваат од Србија и Бугарија. „Брилијант“ покрива 60 отсто од домашниот пазар на масло за јадење.
Ново на Сител
-
Поништен изборот за судија во Стразбур, Владата формираше нова комисија
-
Тема на денот со Сузана Јошевска Анастасовска, адвокат
-
Приведено лице поради обид за подметнување пожар кај брана Водоча, обвинителството бара притвор
-
Владата бара нови кандидати за ЕСЧП
-
Собранието му изгласа недоверба на обвинителот Коцевски
-
Собранието ја констатираше оставката на претседателката на Антикорупциска
-
Чешкиот „Блек Хок“ доаѓа во Скопје, ја прифативме и помошта од Словенците - најкритично на Готен
-
Аpсовска се соочи со напаѓачот Јамалари – тој не чувствува вина за нападот