Македонија
29. July 2025 - 16:40

Аpсовска се соочи со напаѓачот Јамалари – тој не чувствува вина за нападот

На помалку од два метри, во судницата 23 во Кривичниот суд седнаа скопската градоначалничка Данела Арсовска и Сулејман Јамалари кој ја нападна на 11-ти месецов во скопски Чаир.

Јамалари не се чувствува виновен за вербалниот и физичкиот напад, но и за заканите кон градоначалничката.

Не, не се чувствувам виновен“, рече Јамалари пред Судот.

Арсовска одговараше на прашања на Обвинителството и на одбраната. Рече дека Јамалари пристигнал со електричен тротинет додека таа стоела под чадор од маркет. Почнал да вика Што бараш ти тука?“ почнал да мафта со рацете и да и се заканува. Двапати ја удрил во горниот дел од телото, а таа правејќи чекор наназад инстинктивно ја кренала ногата во самоодбрана.

Двајца полициски службеници го тргнале напаѓачот, но тој 40-тина минути пцуел и и се заканувал. Барал од полицајците да се јават кај нивниот шеф, а и тој самиот неколку пати телефонирал со непознати лица. Се собрала поголема маса на луѓе, кои според советничката Ирена Витина која исто така сведочеше пред судот, биле координирани од лице на околу 20 годишна возраст кој команди давал од балкон во една од околните згради.

Интервентната полиција морала да ги изнесе од локацијата.

- На самото место на настанот почувствував и вознемиреност и страв и загрозеност и небезбедност, страв за сопствениот живот, за животот на моето семејство, воопшто и целиот час кој го поминавме таму под континуирани закани и навреди и самото тоа што мораше Интервентна полиција да нѐ вади од таа локација беше и повеќе од трауматски затоа што почувствуваме дека сме на место коешто е целосно небезбедно за секој еден од нас, рече Арсовска пред судот.

Прашана зошто не ја потпишала изјавата во Полициската станица Кисела Вода, Арсовска рече службениците се обиделе да вметнат нешто што не кажала.

- При здрава свест и совест јас на своја изјава не можам да дозволам туѓи зборови, рече Арсовска.

Одбраната бараше судот да не дозволи снимките и фотографиите кои ги направила Арсовска да се користат како доказ во постапката, но судот одлучи дека сепак тие ќе бидат разгледани бидејќи таа доброволно ги доставила до Обвинителството. Неговата адвокатка предложи низа докази и побара да сведочат и полицајците кои биле на терен. Рече дека дента кога Јамалари е приведен во полициска станица и самиот пријавил дека бил жртва на напад и ја пријавил Арсовска за насилство.

Арсовска се согласи на Јамалари да му се суди бидејќи не почувствувала ниту трошка каење кај обвинетиот за стореното, но рече и дека ќе бара отштета за нападот.