Македонија
8. August 2021 - 11:54

Утрово помеѓу велешко Кумарино и Иванковци изгоре блок со стрниште по жетва, пожарникарите навреме спречија да се прошири по околната шума

Утрово во 7:05 часот избувна голем пожар на стрниште помеѓу велешките села Кумарино и Иванковци кое било запалено од земјоделците по завршената жетва. Со брза и навремена интервенција на пожарникарите од ТППЕ Велес огнот бил изгаснат во 9:30 ,а со што било спречено да се прошири по околната шума.

-Во гаснење на пожарот на пожарникарите кои на терен се упатиле со едно возило-цистерна со вода  им притекнале и  шумар и месното население со трактори, информираат за МИА од ТППЕ Велес.

Со пожарот била зафатена површина од 7-8 хектари.

Од ТППЕ Велес апелираат до земјоделците да не ги палат стрништата по жетва, затоа што можат да предизвикаат пожари со несогледливи размери по околната шума, пасишта, па и да ги зафати и куќите кои се во нивна непосредна близина.

Од ТППЕ Велес со големи напори синоќа го изгаснаа и големиот пожар кој околу пладне избувна кај селото Џидимирци каде гореше  ниско стеблеста  дабова шума и стрниште на површина од околу 6 хектари. Во станицата на ТППЕ Велес пожарникарите  по осумчасовна борба со огнената стихија се вратиле синоќа во 20:15 часот.

Тие апелираат до граѓаните за крајно внимателно движење низ шумите и да внимаваат со отпушок или слично да не предизвикаат пожари со несогледливи последици.