Македонија
2. July 2024 - 21:14

Какви казни има за сквернавење национални симболи?

Од парична казна до казна затвор до 5 години му се заканува на албанскиот државјанин кој пред неколку дена го симна и фрли македонското државно знаме од планинскиот врв Голем Кораб. Според правниците, обвинителството веднаш треба да почне предистрага и тоа за две кривични дела: нарушување на угледот на државата, но и предизвикување на верска, расна, национална омраза.

Од МВР засега без детали за настанот, освен дека се работи за странски државјанин и дека следуваат дополнителни проверки.

Настрана кривичната постапка, државата може да преземе и други мерки со кои ќе даде до знаење на странски државјани дека треба да имаат почит кон државата во која се наоѓаат. Министерството за надворешни работи може да поведе постапка и да побара Шулуки да биде прогласен за персона нон грата и да му биде забранет влезот во Македонија. Поради слични постапки доживотни забрани за влез добија бугарски државјни, меѓу кои и претседателот на фондацијата Македонија  - Стојанов.

Во меѓувреме македонски планинари денеска повторно го поставија македонското знаме на Голем Кораб.

Албанскиот планинар и сопственик на ресторан во Пешкопеја пред неколку дена на својот Фејсбук профил објави видео како го трга македонскотот државно знаме од паланинскиот врв и поставува албанско. Притоа, на неколкумината со него, им вели: „ Драги пријатели, дојдов денеска со група гости и го најдов македонското знаме. Тоа не им припаѓа на албанските територии. Тука само албанско знаме, нема место за македонското. Албанија“.

Шулуки често го искачувал Кораб, познат е и како дебарски Тарзан. Слично веење на албанското знаме на Голем Кораб направил и во 2021 и 2020.

Ваквата постапка на Шулуки ја разбранува македонската и политичката јавност.