Македонија
4. July 2024 - 16:33

Скапите акцелератори набавени пред една деценија се уште не се во функција на пациентите

Милионски вредни апарати за најтешко болните повеќе од една деценија фаќаат прашина. Акцелераторите набавени за битолската и штипската болница и за ГОБ 8-ми септември со години чекаат некој да ги стави во функција на пациентите.

Во далечната 2012 година МЗ плати 1,6 милиони евра само за линеарниот акцелератор за Битола а дополнителни пари чинеше изградбата на бункерот. Но до ден денеска не работи и последниот одговор од здравствените власти е дека чека сервисирање за да биде во корист на малигно болните.

Една година подоцна беше набавен ист таков апарат и за Штип, но тој е се уште спакуван и никој не знае дали воопшто е функционален.  Тогашниот министер за здравство Никола Тодоров во 2014 година кога беа удрени темелите за бункер најави дека за девет месеци пациентите од истокот на земјата за зрачна терапија ќе одат во штипската болница. Но не беше изграден ниту бункер ниту имаше децентрализација на онколошките услуги.

Најмногу сликан и промовиран беше акцелераторот во ГОБ 8-ми септември. Неколку премиери и министри ветуваа кај и да е ке почне со работа, но во пракса ништо. На крајот на 2023 директорот на болницата изјави дека во процедура биле за вработување на физичар, кадар одеше на обуки во странство а со акцелераторот ќе имаа и онколошка амбуланта. Но остана ли тоа само новогодишна желба?

--Точно ќе бидат испраќани кај нас кои пациенти ќе бидат во амбуланите, ние имаме двајца лекари онколози кои ќе се грижат за нив и ќе бидат вклучени во давање на цитостатската терапија. Се надевам после Нова година за брзо ќе биде тоа, вели д-р Христијан Костов, директор на ГОБ 8-ми Септември. (28.12.2023)

2012 година набавен акцелератор за битолска болница

2013 година набавен акцелератор за штип

2015 година набавен акцелератор за ГОБ 8-ми септември

Инвестицијата за акцелераторите и бункерите од над 8 милиони евра ќе чека нови ветувања и најави а дотогаш како и изминатите 10 години најголеми гужви и нервози ќе има на Онкологија каде одат сите малигно болни од државата.