Утре почнува вакцинацијата против сезонски грип
Над 32.000 граѓани досега се пријавиле за да се заштитат од сезонски грип. Вакцинацијата ќе се спроведува на 36 локации во целата држава.
Во Скопје заинтересираните ќе можат да се вакцинираат во 5 установи: Центарот за јавно здравје, Поликлиниките Букурешт, Идадија и Бит Пазар како и во ИЈЗ само за здравствените работници.
Од Министерството за здравство информираат дека сите пријавени на сајтот добиваат СМС порака за датумот, точното време и каде да дојдат за вакцинација.
- Министерството годинава набави 70.000 дози четиритипна вакцина против сезонски грип, што е зголемување во однос на претходните години. Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи население: повозрасни лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица, соопштија од МЗ.
И од Комисијата за заразни болести велат дека со вакцинација овие ризични групи ќе се заштитат од тешки форми на болеста.
- Наједноставниот и најквалитетниот начин да се заштитете од грипот во зимските месеци кога е сезоната на грип, вели д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.
Освен бесплатните, во Центрите за јавно здравје и годинава набавени се и комерцијални вакцини против грип за заинтересираните граѓани кои не влегуваат во ризичните групи.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар