Усвоени новите санкции против Русија, се дискутира уште за дерогација за Западен Балкан
Европската Унија официјално го усвои осмиот пакет санкции против Русија, како одговор на нелегалната анексија на четири украински региони, јави дописничката на МИА од Брисел.
Главен фокус на овој пакет е ограничувањето на трговијата со руска нафта за трети земји, надвор од ЕУ.
Конкретно ЕУ со ова воведува ценовен плафон за морскиот превозот на руска нафта во земји кои не се членки на ЕУ, каде санкциите врз нафтата се веќе усогласени. Европската Унија сака да го намали приходот од нафта за Москва, која својата трговија ја пренасочува вон ЕУ поради санкциите.
Ќе биде забрането да се превезува руска нафта од декември 2022м или нафта која се извезува од Русија, по морски пат, и да се дава техничка или финансиска помош во оваа цел. Ценовниот плафон што се воведува ќе овозможи превоз само доколку купената нафта е под одредена цена. Датумот на стапување на сила и износот на плафонот сѐ уште не се усогласени на ниво на ЕУ. ЕУ се надева дека со ова ограничување на цената ќе се намалат приходите на Кремљ, иако бројни прашања остануваат неодговорени, како на пример начинот на кој ќе се контролира реалната цена на натоварената нафта, или промената на знамето на бродовите што ја превезуваат за да ги избегнат санкциите.
ЕУ потсетува дека на сила се и забрани за осигурителните компании и банките, што би требало да помогне да се намали обемот на превезена нафта.
За Западниот Балкан останува едно главно неодговорено прашање, а тоа е дерогацијата за добивање нафта преку Хрватска. Имено Хрватска преку нејзиниот нафтовод увезува руска нафта која потоа ја препродава на земјите од Западен Балкан.
Регионот се надеваше дека ќе добие изземање од овие санкции за да може да продолжи да набавува руска нафта преку Хрватска, но во овој момент земјите членки не успеале да се договорат за оваа дерогација. Од Европската Комисија велат дека темата не била темелно дискутирана во ЕУ, но дека ќе се врати на дневен ред пред декември, кога стапува на сила новиот пакет.
-Немавме потреба да одлучуваме за ова во овој момент, проблемот ќе се појави кога ќе се превезува нафта по морски пат во декември, тогаш ќе има дискусија како да се справиме со ова, објаснуваат експертски извори од институциите на Европската Унија, кои учествуваат во креирањето на пакетите санкции.
Тие велат дека кога руска нафта пристигнува преку Хрватска за да се упати кон Западниот Балкан, се отвора прашањето “до која мера можеме да продолжиме кога забраната за увоз по морски пат за Хрватска“ стапи на сила. Односно, кога санкциите ќе стапат на сила, Хрватска доколку увезува руска нафта де факто би ги прекршила сопствените ЕУ санкции, доколку ја користи таа нафта.
Доколку не ја користи и ја упати исклучиво кон земјите од Западен Балкан, како трети земји, повеќе земји членки изјавиле дека тоа би значело дека регионот би бил во привилегирана позиција во споредба со земјите членки на ЕУ, објаснуваат експертите на ЕУ.
Прашањето ќе се врати на дневен ред и несомнено ќе отвори комплексни дебати.
Во меѓувреме се појавија и наводи дека одбивањето за дерогација во сегашниот пакет санкции е поврзан со одбивањето на Србија да се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија. Овие наводи не ги потврдуваат други дипломатски и експертски извори во ЕУ, иако повторуваат дека не е променет ставот на ЕУ дека Белград треба да се усогласи.
-Сѐ уште има време за дискусијата за дерогација за Западен Балкан, велат од ЕУ, дискусијата ќе се случи пред декември.
Освен тоа, многумина дипломати оцениле и дека Западниот Балкан има доволна диверзификација на енергетските извори за да може да се снајде и без ваква дерогација.
Ново на Сител
-
Силен земјотрес регистриран во западниот дел од Турција
-
Нетанјаху: Целта на Израел не е да ја окупира Газа, туку да ја ослободи од Хамас
-
Четири пациенти со тешки повреди примени на хируршките клиники во Скопје, по вооружена пресметка во Тетово
-
Вeнс: Се одредува датумот на средбата меѓу Путин и Зеленски за завршување на војната
-
Едно лице е убиено во напад со автоматска пушка во Тетово
-
Началникот од Демир Хисар ќе биде разрешен
-
Таксист од Гевгелија нападнат и ограбен од двајца патници
-
Скопјанец прегазил две 80-годишни жени на крстосница