Македонија
12. јуни 2025 - 17:02

Усвоени неколку закони на 53. седница на Собранието

Во законодавниот дом денеска се одржа 53. пленарна седница на која беа разгледани 14 од вкупно 20 точки на дневниот ред.

На седницата мнозинството пратеници ги донесоа Одлуката за распишување јавен оглас за избор на претседател и членови на Советот за граѓански надзор, измените на Законот за фитофармација, измени и дополнувања на Законот за животната средина, потоа измените на Законот за заштита од вознемирување на работно место, измените на Законот за високото образование, како и Финансискиот извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2024 година. 

Во прво читање поминаа Предлог на закон за изменување на Законот за волонтерството, Предлог на закон за изменување на Законот за младински додаток, Предлог на закон за ставање во употреба на техничка опрема за транспорт, Предлог на закон за електронските комуникации, Предлог на закон за безбедност на мрежни и информациски системи, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, Предлог на закон за архивски материјал и архивска дејност, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинската тарифа.

На прдолжението на седницата кое ќе биде дополнително закажано меѓу точките кои треба да се разгледаат е Предлогот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка поднесен од претседателката и пратеничка на Либерално-демократска партија Моника Зајкова за воведување на една изборна единица и Предлог законот за поддршка на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани и на членовите на нивните семејства, кој е во прво читање.

Претходно на седницата при усвојување на дневниот ред, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески ги обвини социјалдемократите и пратениците од редовите на Левица за политиканство, бидејќи, како што рече, не гласаа за усвојување на дневниот ред, иако по нивно барање точката за Кочани е ставена прва на дневниот ред.

– Во Собранието се прави политиканство на тема болна за целиот македонски народ. Бараат точката за Кочани да биде прва точка, на која се сложивме и гласаме дневен ред на седницата, на која што Левица, Социјалдемократскиот сојуз како подносител на таа точка и дел од ДУИ гласаат против дневниот ред за одржување на оваа седница на која што точката за Кочани треба да биде прва точка на дневен ред. Односно, 67 пратеници гласаат За точката а 16 пратеници, помеѓу кои, носителите на целите овие протести и она што се случува во Македонија, СДСМ и Левица, поддржани од неформалниот коалиционен партнер ДУИ гласаат против. Ете тоа ние е политиканството во нашата држава, почитуван македонски народе, рече Мицевски. 

Пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, претходно истакна дека поддршката за повредените и семејствата на загинатите треба да биде најголем приоритет во овој момент. Според него, сè друго што е на дневен ред и се гласа по скратена постапка е помалку значајно.

– Сè друго што денеска го гласаме како итна постапка или по скратена постапка резултираше со незаконски решенија, особено оние закони со кои се менуваат, на пример, условите за директори и слично. Ништо не е позначајно од ова. Затоа предлагам овој закон да биде прва точка на дневниот ред на оваа седница. Дајте нешто да направиме заеднички, рече Спасовски кој побарада се искористи деловничката можност овој закон да не оди на матичната Комисија туку директно да се стави на пленарна седница.

На седницата, не помина предлогот на Левица на дневен ред на оваа седница да се најде и нивниот Предлог - закон за зголемување на минималната плата на 500 евра. Левица ги обвини политичките партии од владејачкото мнозинство дека работат против работничките интереси и во интерес на капиталот и бизнис-елитите.