Утре ќе биде познато колкумина ќе гони Обвинителството за пожарот во Кочани
По неполни три месеци од трагедијата, обвинителството утре ќе покрене обвинение за пожарот во Кочани. Во истрагата, за тешки дела против општата сигурност се гонеа 47 лица, но за колкумина од нив ќе биде поведен обвинителен акт, засега е непознато. Паралелно, продолжува истрагата против 14 полициски службеници, за кои сè уште се прибираат докази.
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека обвинителството има „одврзани раце“, а тој ќе се воздржи и нема да одговара на прозивките од опозицијата, бидејќи, како што рече, тоа може да се протолкува како притисок врз правосудните органи.
„Јас сум многу внимателен кога станува збор за истрагата за случајот во Кочани и цело време зборувам само за една работа – Обвинителството има одврзани раце да прави сè што мисли дека е поврзано со тој случај. Ама буквално сè“. Колку повеќе политички пораки испраќаме, тоа може да се чувствува како притисок и затоа се обидувам да молчам. Еве трпам сè, ме обвинуваат од опозицијата, нека бидат тие некрофили, на мој грб нека се сведе сè, само Обвинителството нека си ја заврши својата работа без да имаме политички пораки“ – Христијан Мицкоски, премиер
Во меѓувреме, од СДСМ и денеска на прес-конференција обвинија дека „власта ги штити вистинските виновници за Кочани“.
„Додека родителите плачат, а државата треба да донесе правда, директните виновници се штитат од истрага. Три месеци по трагедијата, нема вина, нема одговорност за оние кои ако делувале вечерта, трагедијата ќе била спречена. Вистинските виновници сè уште се на слобода. Началници, инспектори, министри – сите тие кои требало да спречат се штитат во истрагата. Истрагата се затвора без ниеден обвинет актуелен функционер“ – Миле Талески, пратеник на СДСМ
Последен на списокот осомничени за трагедијата е Александар Нацев, сопственик на Агенцијата која ја обезбедувала дискотеката. Немала склучено договор за обезбедување, работела без безбедносна проценка и дозволила влез на малолетници. Кочанскиот суд веќе му определи мерка притвор од 30 дена.
Од обвинителството во текот на целата истрага велат дека во зависност од обезбедените докази, може да бидат опфатени и други лица. Сега, се гонат поранешни и актуелни министри, градоначалнци, директори...
Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени.
Во пожарот во дисоктеката Пулс загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар