Македонија
13. November 2017 - 16:34

Уште едно семејство во Прилеп остана без дом поради пожар

За период од еден месец, покрај досегашните две, уште едно прилепско семејство остана без покрив над главата, откако синоќа околу 20 часот во пожар, кој избувнал во дневната соба, огнените јазици им го пеплосале домот.

Се што куќеле цел еден живот, го снемало за час, раскажува “главата” на четиричленото семејство, исправен пред неочекуваниот трагичен предизвик - во овие есенски денови да се снајдува како знае и умее за да обезбеди барем минимални услови за живот, бидејќи огнот им уништил буквално се.

Со оглед на огромната материјална штета која зад себе ја оставила огнената стихија, семејството Стеваноски денеска го посети и градоначалникот кој им вети првична помош за санирање на последиците.

Инаку, во последниве четириесетина дена во Прилеп се опожарени три куќи, пришто најчесто како причина за пожарите се наведува неисправната или преоптоварена електрична мрежа, како и невнимателното ракување со грејните тела.