Унгарскиот парламент едногласно му го укина имунитетот на премиерот Петер Маѓар

Унгарскиот парламент денеска едногласно, со 139 гласа „за“ и без ниту еден глас против или воздржан, му го укина имунитетот на премиерот Петер Маѓар, со што е отстранета правната пречка за продолжување на истрагата за инцидентот од 2024 година, соопшти унгарскиот медиум „Телекс“.
Унгарското обвинителство минатата недела побара укинување на неговиот имунитет за да може истрагата да продолжи и, доколку се исполнети законските услови, премиерот да биде сослушан во својство на осомничен. Случајот се однесува на инцидент од 21 јуни 2024 година во будимпештанскиот клуб „Еткерт“, каде што Маѓар е осомничен дека за време на конфликт со маж кој го снимал му го одзел мобилниот телефон, а потоа го фрлил во Дунав, по што телефонот бил пронајден со помош на нуркачи.
Постапката првично беше покрената додека Маѓар беше пратеник во Европскиот парламент, кој во октомври 2025 година го одби барањето за укинување на неговиот имунитет. По завршувањето на мандатот во ЕП во мај годинава, Маѓар беше избран за пратеник во унгарскиот парламент и за премиер на земјата.
Пред самиот чин на гласање, Маѓар ги повика пратениците од неговата партија Тиса да го поддржат укинувањето на имунитетот.
– Не сум сторил никакво кривично дело. Одговорен сум за сите свои постапки, зборови и дела – порача Маѓар, истакнувајќи дека нема причина да се повикува на пратеничка заштита.
Тој истовремено упати критики до обвинителството, тврдејќи дека се обидува неговиот случај да го стави во ист контекст со истрагите за повеќемилијардни корупциски афери поврзани со поранешни владини функционери. Маѓар и претходно ја нарекуваше постапката обид за политичка дискредитација, додека обвинителството ги отфрла таквите обвинувања.
Со одлуката на парламентот истрагата може законски да продолжи, но самото укинување на имунитетот не значи утврдување вина. Доколку биде поднесено обвинение, за вината на Маѓар ќе одлучува надлежниот суд.
МИА
Ново на Сител
-

Teма на денот со Стојанче Ангелов
-

Експертите сугерираат: Да не се кратат капиталните расходи, да се зголеми наплатата на приходи
-

Проф. Атанасовски: Тоа не се коски на цар Самуил, па глупост е дека тој се враќа во Бугарија, кога таму никогаш и не бил
-

МПЦ слави празник на сите македонски светители и 40 години јубилеј од Архиерејската служба на поглаварот г.г Стефан
-

„Розев пикник појадок“ за кревање на свеста за ракот на дојка
-

Постојаните осцилации на езерото негативни за живиот свет
-

165 шумски пожари годинава, штетите проценети на 10 милиони евра
-

Каранфилова Пановска: Бараме дополнителни 10 денари за килограм ориз
