Украина, Блискиот Исток, глобалната улога на ЕУ и миграцијата главни теми на декемврискиот Самит на Унијата
Состојбите во Украина и на Блискиот Исток, позицијата на ЕУ во светот, нејзината отпорност и подготвеност и прашањата за миграцијата и за надворешната политика, ќе бидат главни теми на денешната средба во Брисел на шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во делот од Самитот посветен на состојбата во Украина ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој своите колеги ќе ги информира за најновите случувања на теренот и за неговите ставови за тоа како Европа може најдобро да ја поддржи неговата земја.
Според најават за Самиот, лидерите на ЕУ ќе разговараат за руската агресија врз Украина во сите нејзини димензии, вклучувајќи ги и најновите случувања на теренот и континуираната сеопфатна поддршка на Унијата за земјата и нејзиниот народ.
– До сега, ЕУ и нејзините земји членки обезбедија преку 130 милијарди евра поддршка за Украина.
ЕУ е посветена на праведен и траен мир во Украина, заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право, како и на принципот дека не може да се преземе каква било иницијатива во врска со Украина без Украина, се наведува во најавата.
Во однос на воената поддршка, лидерите на ЕУ ќе го разгледаат напредокот во испораката на системи за противвоздушна одбрана, муниција и ракети за Украина, како и обезбедувањето на потребната обука и опрема за украинските војници.
Тие исто така ќе разговараат за зајакнување на енергетскиот сектор на Украина и на другата цивилна инфраструктура на која Русија намерно и се повеќе ги насочува своите напади, особено во пресрет на зимата.
– ЕУ е подготвена да го зголеми притисокот врз Русија и трети земји кои ја поддржуваат Русија, вклучително и со обезбедување целосно и ефикасно спроведување на санкциите и преку дополнителни мерки за спротивставување на нивното заобиколување, се наведува во најавата.
Во поканата упатено до лидерите на ЕУ за Самитот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта посочи дека Унијата треба да стои зад Украина онолку долго колку што е потребно и да направи се што е потребно за да биде поразена руската инвазија и да надвладее меѓународното право.
– Декемврискиот состанок на Европскиот совет е важен повод да се испрати обединета и недвосмислена порака за поддршка на Украина, за сеопфатен, праведен и траен мир, наведе Кошта.
Лидерите на ЕУ ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и за тоа како Унијата може најдобро да придонесе во напорите за деескалација на состојбите, за имплементација на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан и за најновите случувања во Сирија.
– ЕУ е длабоко вознемирена од драматичната воена ескалација на Блискиот Исток и ги повикува сите страни да покажат најголема воздржаност, да стават крај на непријателствата и целосно да се придржуваат до меѓународното право и меѓународното хуманитарно право.
ЕУ, исто така, е посветена да продолжи да ја обезбедува својата помош заснована на потребите на луѓето на Блискиот Исток, со особено внимание на најранливите, и да го зголеми својот хуманитарен ангажман, се наведува во најавата за Самитот.
Друга важна тема на расправа на декемврискиот Самит на ЕУ ќе биде и позицијата на Унијата во светот, во чии рамки лидерите ќе имаат стратешка дискусија за тоа како блокот може да ја консолидира својата улога на меѓународната сцена, да ги брани своите интереси и да ги промовира своите позиции.
– Прво, верувам дека проширувањето е главната геополитичка инвестиција што можеме да ја направиме во нашето соседство.
Гледајќи подалеку од нашиот континент, треба да ги признаеме предизвиците и да ги искористиме можностите на плуралниот, мултиполарен и разновиден свет.
Во тековниот геополитички контекст, Европската унија може најдобро да ја консолидира својата улога на меѓународната сцена со изградба на поширока и подлабока мрежа на партнери ширум светот, со тоа што ќе биде посвесна за нивните специфични интереси и ќе го истражи потенцијалот за заеднички интереси, наведе Кошта во поканата.
Во рамките на оваа дискусија посебно ќе се разговара за односите на ЕУ со САД и Велика Британија.
Според Кошта, ЕУ може да го максимизира влијанието на својот глобален ангажман со тоа што земјите членки и европските институции ги здружуваат силите повеќе отколку што тоа веќе го прават.
– Еден аспект од оваа тема е да се утврди како можеме да ја зајакнеме трансатлантската врска создадена од заедничката историја, заснована на заеднички вредности и рефлектирана во густа мрежа на економски размени, додека во исто време ги браниме нашите сопствени интереси.
Како може Европа да ги зајакне своите напори за да носи поголем дел од товарот на сопствената безбедност и одбрана? Како можеме најдобро да ги поддржуваме економските интереси на Европа во контекст на еволуирачките ставови за улогата на трговијата во поттикнувањето на просперитетот за двете страни на Атлантикот?, наведе Кошта во поканата.
Шефовите на држави или влади на членките на ЕУ врз основа на извештајот подготвен на барање на Европската комисија од поранешниот фински претседател Саули Нинисто, ќе разговараат за зајакнување на отпорноста, подготвеноста и капацитетите за спречување и одговор на кризи на Унијата.
Во овој контекст, тие ќе разговараат и за влијанието на заканите од зголемениот број природни катастрофи поради климатските промени.
Лидерите ќе се осврнат и на прашањата за засилување на имплементацијата на сеопфатниот пристап на ЕУ кон миграцијата, со фокус на оценка на спроведувањето на претходните заклучоци за ова прашање, пред се оние донесени на состанокот на Европскиот совет во октомври минатата година.
Во тој контекст ќе се разговара за зајакнување на контролата на надворешните граници на ЕУ, за соработката со земјите на потекло и транзит на мигрантите, за борбата против трговијата со луѓе и шверцот на луѓе и за зголемување и забрзување на процедурите за депортирање на лицата кои не ги исполнуваат условите за азил.
Лидерите на ЕУ треба да се осврнат и на конкретни прашања од надворешната политика, вклучително и за случувањата во Грузија и Молдавија.
Предвидено е Самитот да заврши со обраќање на унгарскиот премиер Виктор Орбан кој ќе ги презентира резултатите од претседавањето на Унгарија со Советот на ЕУ во втората половина од оваа година.
Во поканата за Самитот, Кошта најавува и дека ќе побара од лидерите да го потврдат барањето на Европскиот совет за приклучување на другите институции на ЕУ кон Меѓуинституционалното тело за етика, со кое треба да претседава поранешниот претседател на Европскиот совет, Херман Ван Ромпеј – Верувам дека за да се одржи довербата што граѓаните ги имаат кон институциите што им служат, треба и тие институции да се однесуваат примерно, додава Кошта во поканата.
Во пресрет на денешната средба на врвот на Унијата, синоќа во Брисел се одржи и Самит ЕУ-Западен Балкан, посветен на имплементацијата на Планот за раст на регионот, напорите за регионална интеграција, можностите за натамошно унапредување на постепената интеграција меѓу Европската Унија и Западниот Балкан и на заедничките геополитички предизвици, на кој учествуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
Ново на Сител
-
Дисциплинска за полицајците кои го пуштија Груби
-
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и ДУИ да го повикаат Груби да се врати
-
Македонија годината ја завршува на 67. место на ФИФА ранг-листата
-
Мекинро: Не верувам дека долго ќе трае соработката меѓу Ѓоковиќ и Мареј
-
Пакистан се обидува да ја засили дигиталната контрола
-
Путин: Руската економија „стабилна“ и покрај „загрижувачката“ инфлација
-
Зеленски: САД и ЕУ само заедно можат да ја спасат Украина
-
Фатени двајца бегалци од затвор