Loading Video...
Македонија
12. October 2025 - 16:41

“УЧК”, “Умри Србија”- Скандалозни скандирања во Тетово по победата на Албанија против Србија

УЧК, Смрт за Србија - плоштадот во Тетово синоќа одекнуваше со овие скандирања по победата на Албанија против Србија, навивачки повици кои според коментарите во јавноста се повеќе националистички отколку спортски. 

Натпреварот кој се играше во Лесковац, не ги спречи навивачите да ја прослават победата и во градовите во Македонија. Во Скопје блокирани улици, колони од возила, со албански знамиња и сирени, тапани по улиците, но скандалозните скандирања во главниот град изостанаа за разлика од Тетово. 

Од полицијата известија, дека не се пријавени инциденти во вечерните часови во Тетово и Гостивар кога се славеше победата на Албанија, за тие што скандирале ќе има соодветни мерки. 

- Движењето на граѓаните по улиците во Тетово и Гостивар како и движењето на возилата заврши без проблеми и во тој временски период во СВР Тетово не се пријавени инциденти или поплаки. Полициски службеници беа на лице место и во врска со навредливите скандирања ќе бидат преземени соодветни мерки, соопштија од МВР. 

Поразот на Србија од Албанија во квалификациите за светско првенство, наиде и на бурни реакции во Србија. Српскиот селектор си даде оставка, а претседателот Вучиќ изјави дека не можел да спие од тага. 

Вчера пак во Тетово, се одигра и фудбалски натпревар помеѓу Тетекс и Шкендија, кој не поминал без инциденти. Навивачите предизвикале штети на стадионот, кршеле столчиња и ги фрлале кон теренот. 

Натпреварот од страна на ФФМ беше прогласен за натпревар од голем ризик и по завршување на натпреварот во 16:50 часот од страна на навивачката група Војводи кои беа сместени на Источна трибина, како израз на незадоволство од натпреварот и резултатот беа оштетени неколку столици и плочки од трибината и биле фрлани делови од нив кон надворешниот и внатрешниот дел од стадионот. Притоа повредени лица немаше, ниту пак оштетување на возила. 

- Ќе бидат преземени соодветни мерки за неспортско однесување при спортски натпревар, соопштија од полицијата. 

- Во извештајот на Комесарот за безбедност од натпреварот помеѓу Тетекс и Шкендија Арачиново е потврдено дека на мечот имало користење на пиротехнички средства и фрлање предмети од страна на навивачка група по завршување на натпреварот, велат од ФФМ.

Отаму велат дека ќе постапат согласно важечките правилници за сите кои ги прекршиле правилата за однесување и организирање и спроведување на спортски натпревари.

На видеа објавени на социјалните мрежи се гледа и како полицијата пробува да уапси едно лице кое правело нереди, но тој успева да избега.