Македонија
24. July 2020 - 8:30

Тужбите до Управен суд не ги променија одлуките на ДИК

Поднесените тужби од политичките парти до Управен суд, против решенијата донесени од Државната изборна комисија не донесоа ништо ново. Со исклучок на две тужби на ВМРО-ДПМНЕ и по една на партијата Демократи и на Единствена Македонија, што ќе бидат разгледани во текот на денешниот ден, Судот ги одби сите други тужби, поднесени од коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива и партиите Левица, Интегра и МОРО – Работничка Партија, како неосновани.

Со оглед на големиот број на тужби во Управниот суд изминатите денови се одржа повеќе јавни седници. Разледувањето и одбивањето на тужбите против одлуките на ДИК се одвиваше одделно од неколку совети предводени од по пет судии. До вчера во Управниот суд беа разгледани 186 тужби.

– Заклучно со ден 22.07.2020 година, донесени се вкупно 77 одлуки од кои, 75 одлуки по тужби поднесени од тужителот Алијанса за Албанците и Алтернатива, една одлука по тужба поднесена од тужителот Интегра Македонска Конзервативна Партија како и една одлука по тужба поднесена од тужителот Живка Арсовска и по истите донесени се пресуди со кои тужбите на тужителите се одбиваат како неосновани и решенијата на Државната изборна комисија се потврдуваат, информира вчера Управниот суд.

Сите 77 одлуки се објавени на официјалната веб страна на Управниот суд.

Управниот суд исто така ги одби како неосновани и 101 тужба поднесена од Левица. Тужбите на Левица поднесени до Управниот суд беа разлгедани вчера на повеќе јавни расправи .

Освен тужбите од Левица, Управниот суд ги одби и тужбите поднесени од Социјалдемократската унија и политичката партија Демократи.

Левица по поднесувањето на тужбите до Управниот суд, преку соопштение информираа дека ним како политичка партија „им се украдени тројца пратеници (за околу 500-600 гласа по пратеник)“.

– Тужбите за поведување управен спор се поднесени врз основа на погрешно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право. Сакаме да ја известиме јавноста дека образложенијата на побиваните решенија на ДИК се изработени на „темплејт“, т.е. однапред подготвен шаблон за одбивање, без навлегување во спецификите на секој поединечен случај – што е недозволиво за една државна институција. Истите се штури и банални и изобилуваат со цитирање на неповрзани членови од Изборниот законик, без воопшто да се впушти во материјално расправање за она што беше предочено во приговорите, образложија од Левица.