Тринаесет концерти на 18. Есенски музички свечености
Тринаесет концерти содржи програмата на 18. Есенски музички свечености кои Дирекцијата за култура и уметност-Скопје ќе ги организира од 3-ти до 30 ноември.
Никола Глигоров од ДКУС на прес-конференција денеска рече дека ова ќе се вброи меѓу изданијата со најбогата програма во изминатите години и со исклучително голем број странски изведувачи - од Словачка, Унгарија, Турција, Словенија, Србија, Шведска, Холандија и Русија.
- Класичната музика пред се - останува основниот концепт на Есенските музички свечености, но фестивалот ќе понуди и џез и фоклорни концерти. Ќе настапат и квалитетни домашни имиња, ќе има соло-рецитали и концерти на професионални ансамбли и институции, рече Глигоров.
Манифестацијата во петок ќе биде отворена со гала-оперски концерт и операта „Кавалерија рустикана“ - реприза од нивната вечерашна премиерна изведба, со кои Операта ја почнува новата сезона и одбележува 70 години постоење. Ќе заврши на 30 ноември со концерт „Поема екстаза“ на Македонската филхармонија со која, рече Глигоров, по неколку години повторно соработуваат.
Од гостинските го издвои концертот на познатата џез-музичарка од Турција Елиф Чаглар и нејзиниот квартет (16 ноември), Женскиот младински хор „Јубилате“ од Унгарија со концерт по повод 50 години од смртта на композиторот Золтан Кодај (10 ноември), вокално-инструменталниот настап на Ансамблот „Танец“ (22 ноември) кој е редовно на програмата на оваа манифестација.
Глигоров рече дека и годинава ќе го афирмираат македонското музичко творештво со јубилеен концерт - овојпат за 90 години од раѓањето и 10 години од смртта на проф. Драгослав Ортаков (15 ноември).
Сите концерти ќе почнуваат во 20 часот. Влезот е слободен за посетители, освен концертите за отворање и затворање (во МОБ и Филхармонија) и двата концерта во Дом на АРМ (за „Танец“ и за Елиф Чаглар џез квартет)
Ново на Сител
-
Тема на денот со Тони Коњановски, градоначалник на Битола
-
Неолитски населби кај струмичко Костурино и дојранско Црничани
-
Протест против загадувањето на воздухот
-
СДСМ: Власта е виновна
-
Рамиз Мерко остана без пасош – Обвинителството покрена ново обвинение против него за ширење етничка омраза
-
Муртезани: Брисел има разбирање за нас, шансата ни е стабилна влада во Бугарија
-
Примарното здравство пред пензија – помалку од 1400 матични лекари во државата
-
Исходот од пукање петарди може да биде фатален