Македонија
16. March 2024 - 16:39

Три училишта извршиле индиректна дискриминација со предвидените правила за учениците

Индиректна дискриминација врз учениците извршиле три училишта утврдила комисијата за заштита од дискриминација. Овие училишта објавиле забрана за влез на  ученици кои ќе  имаат големи нокти, обетки на ушите и носот, кои дојдат со маици на прерамки, искинати фармерки, кратки маици и пантолони, хеланки, кратки сукњи, тренерки. Куќниот ред предвидувал девојчињата да бидат со уредна и прибрана коса, машките да не доаѓаат со долги коси, репче или брада. Сето ова доколку не се почитува училиштата предупредиле дека нема да ги примат на настава. Директорите од овие училишта не сакаа да зборуваат јавно но дел од нив веќе испратиле приговор до комисијата а дел веднаш ги остраниле овие спорни членови од куќниот ред. Тврдат дека намерата била да се воспостави некаков пристоен ред додека се учениците на настава.

Професорката Алексиќ вели со самото утврдување на ваков вид дискриминација се отвора пандорината кутија а нашето општество се уште не е подготвено за тие процеси.

Се што е забрането кај децата прави контраефект, затоа е поважно да се стави акцент на воспитниот процес не само дома туку и во училиштата.

Учениците пријавиле дискриминација а комисијата одлучила дека училишниот менаџмент не само што извршил индиректна дискриминација, туку на овој начин го прекршиле законот за основно и средно образование и членот 44 од Уставот.

На средните училишта Мирче Ацев од Прилеп, Јане Сандански од Штип и Јане Сандански од Струмица им е даден рок од 30 дена да извршат измени во куќниот ред и кодексот и писмено да ја известат комисијата. Добиле поука дека не смеат да се стават над законот и доколку не постапат ќе биде покрената судска постапка.